Фото: Пекселс

Автор: Д-р Сања Николова, ОРЛ специјалист

Синузитис (риносинузитис) претставува воспаление на слузницата во носот и параназалните синуси. Параназални синуси се шуплини во коските на лицето и черепот кои се обложени со лигавица. Сите синуси се поврзани со носот преку изводни канали.
Најчесто воспалението на синусите започнува како вирусна настинка и се манифестира со затнат нос, кивавица, густ бел секрет во носот, болки во грлото и кашлица.
Доколку симптомите траат подолго од 7 дена секретот станува жолто-зелен. Ако се појави болка и тежина во предел на челото, околу очите, горната вилица и покачена температура, тоа значи дека настанал акутен бактериски синузитис.
Дијагнозата ја поставува лекарот со ендоскопски преглед на носот и не се потребни дополнителни испитувања. Се лекува со антибиотска терапија, капки во носот, средства кои ќе го олеснат исфрлањето на секретот (муколитици), внес на повеќе течности и лекови за намалување на болката и температурата. Со правилен третман синузитисот се лекува за десетина дена. Лекувањето треба да биде навремено и ефективно за да се спречат можните компликации од типот на ширење на воспалителниот процес во очите и мозокот.

Кога синузитисот трае подолго од три месеци, тогаш станува збор за хроничен синузитис. Кај овие пациенти потребни се дополнителни испитувања, како што се комјутерска томографија на синусите и алерготестови, со цел да се утврди причината за хроничниот тек на болеста. Најчесто тука станува збор за анатомски промени во носот (искривување на носната преграда, присатни носни полипи или задебелена носна лигавица), со што е нарушена дренажата на синусите во носот. И кај хроничните синузити терапијата е антибиотска- доволно долго, капки во нос, чистење на носот со морска вода, но, во зависност од причината се даваат и антихистаминици, кортикостероидни спрејови за нос, а кај одредeни пациенти потребен е и оперативен третман.

Синузитис во детска возраст
Исто како и кај возрасните, и кај децата вирусната настинка може да премине во воспаление на синусите. Децата се често во контакт со своите врсници во градинките и училиштата, каде лесно се шират вирусните и бактериските инфекции помеѓу нив. Поради незрелоста на имунолошкиот систем, често имаат затнат нос и секрет во носот. Ако детето дише со отворена уста, има густ обоен секрет во носот, кашла ноќе, се жали на главоболка,има покачена температура – треба да се помисли на синузитис. Децата се посклони кон правење на компликации , особено ширење на процесот од синусите во очите и затоа лекувањето треба да се започне на време. Се дава антибиотик, капки во нос, чистење на носот со морска вода, во колку детето само не е способно да го издува секретот од носот, потребно е да се аспирира секретот со помош на родителот.
И кај децата може да се јави хроничен синузитис. Овие деца неможат да дишат на нос, кашлааат и дење и ноќе, апатични се, вознемирени, имаат подочници, слаб апетит, непријатен здив од устата и чести воспаленија на ушите. Кај сите овие деца треба да се направи ендоскопски преглед на носот, за да се утврди причината за оваа состојба , а особено големината на аденоидната вегетација ( трет крајник).
Хроничниот синузитис се лекува според етиолошкиот фактор, се даваат антибиотици, капки за нос, муколитици (средства за разредување на секретот), аспирација на носниот секрет, антихистаминици ( лекови за ублажување на алергија), кортикостероидни спрејови во носот, а во колку е потребно и хируршко отстранување на аденоидната вегетација.

Како да се превенира појавата на синузитис?
Познато е дека појавата на хронични синузитиси е зголемена во светот. Најверојатно причината е во зголеменото загадување на воздухот и зголемениот број на алергии во светот. Затоа се препорачува избегнување на престој во загадени средини, намалување на пушењето на цигари, редовно чистење на носот со морска вода, отстранување и лекување на факторите кои доведуваат до појавата на хроничен синузитис, а тоа е пред се: лекување на алергијата кај осетливите пациенти, а кај пациентите со анатомски промени во носот, доаѓа во предвид оперативен третман.