Стапи во сила договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја, што во јуни го потпишаа севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин, јавија денеска медиумите на двете земји.
– Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација стапи во сила на денот на размената на инструментите за ратификација во согласност со член 22 од договорот – 4 декември 2024 година – објави денеска корејската агенција „КЦНА“.
Во извештајот на агенцијата се наведува дека протоколот за размена на инструменти за ратификација го потпишале заменик министерот за надворешни работи на КНДР Ким Џонг-ју и заменик министерот за надворешни работи на Руската Федерација Андреј Руденко.
Договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Демократската Народна Република Кореја и Руската Федерација беше потпишан во Пјонгјанг на 19 јуни годинава, со цел продлабочување на партнерството и стратешката интеракција на широк опсег на полиња, а беше ратификуван од Русија и Северна Кореја во ноември – потсети „Интерфакс“.
Со Договорот, посебно е утврдено дека во случај на непосредна закана од акт на вооружена агресија врз една од страните, страните одржуваат консултации со цел да ги координираат своите позиции и да се договорат за можните мерки за меѓусебна помош.
Во исто време, Руската Федерација и КНДР се обврзуваат да не склучуваат договори со трети земји насочени против една од страните и да не дозволат трети земји да ја користат нивната територија со цел да го нарушат суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на другата страна – наведува руската агенција.
Од датумот на размена на инструментите за ратификација на овој договор, престанува да важи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Русија и КНДР од 9 февруари 2000 година, пренесуваат агенциите на дете земји.