Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска ќе одржи координативна седница, на која ќе биде разгледана одлуката на Српската православна црква, која завчера прогласи канонско единство со МПЦ-ОА, што подразбира најширока можна автономија, но не и автокефалност.
На седницата, како што потврдија вчера за МИА извори од МПЦ-ОА ќе бидат разгледани и сите прашања, кои се појавија изминатите денови по одлуката на СПЦ и што тоа значи за нашата црква. Јавноста очекува и официјален одговор во однос на најавената литургија за помирување на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј утре во храмот „Свети Сава“ во Белград, која веќе и официјално е најавена на веб-страницата на СПЦ.
Соборот на СПЦ во одлуката, која ја донесе, наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.
Но, МПЦ-ОА во јавноста се уште не излезе со единствен став во однос на одлуката на СПЦ и за тоа дали таа е согласно претходната одлука на Вселенската патријаршија и води до автокефалност или пак претставува чекор назад.
-Засега имаме само официјално соопштение од страна на СПЦ и мал милион толкувања на истото од стручни и нестручни лица. Има многу пристрасност во толкувањата. Дел од политички, дел од национален и секаков друг аспект. Има и судир на суети, на лични интереси. Затоа и ја имаме оваа какофонија во јавноста – изјави вчера за Дојче веле отец Пимен, митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА.
Отец Пимен вели дека не би сакал да се впушти во непотребни толкувања кои би долеале масло на огнот.
– Деновиве секако не ни се дадени за меѓусебни обвинувања, лов на вештерки и непотребни кавги, туку за благодарење на Бога за враќањето во канонското единство со православниот свет и молење на Бога Света Троица за омудрување пред донесувањето на одлука за следните чекори – дециден е митрополитот Пимен.
Тој повикува на воздржаност до денешната координативна седница на Синодот на МПЦ-ОА.
-На неа ќе се споделат сите нам достапни информации и ќе се појаснат, а за она што и нам не ни е јасно, комисиски ќе се побараат појаснувања од страна на СПЦ – вели митрополитот Пимен за „Дојче вече“.
Одлуката на соборот на СПЦ предизвика реакции во јавноста во насока дека таа е предавство за борбата за автокефалност на МПЦ-ОА и дека треба да се знае дека канонски статус на МПЦ-ОА е решен со одлуката на Вселенската Патријаршија и дека МПЦ-ОА, во периодот до конечно решавање на автокефалниот статус, останува во организационата структура како и досега како автокефална црква.
– Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој го прифаќа општо признатиот канонски статус што му беше доделен од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква во 1959 година и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година – се наведува во соопштението на СПЦ.
Со ваквата одлука, МПЦ-ОА повеќе не е „расколничка црква“, но всушност, објаснуваат аналитичарите, и се признава само статусот на „автономна црква на СПЦ“, без гаранции дека некогаш ќе добие автокефалност, имајќи предвид дека за тоа, според Соборот на СПЦ, ќе биде потребен „општ православен консензус“.
Претходно беше објавено дека на 5 јуни, на празникот Педесетница или Света Тројца, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски Стефан најверојатно во Цариград ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, но изворите на МИА од нашата Црква посочија дека иако се планира таква богослужба, засега ништо не е прецизирано.
Светиот синод на Вселенската патријаршија на 9 мај донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква, што подразбира дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
-Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт – се наведува во одлуката.
Се додава дека се остава „на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“, имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.
Процесот за атвокефалноста е почнат уште пред пет години со Фанар, кога МПЦ-ОА побара апелација од Вселенската Патријаршија. Како што појаснуваат за МИА извори од МПЦ-ОА единствено тој процес е добрата патека, зашто е усогласен со древниот ред и поредок во Православната Црква.
-Никаде и никогаш не е донесена, односно прифатена одлука, со која, која било црква со сеправославен консензус да може да прогласува афтокефалност на друга црква. Томос за афтокефалност носи Вселенската Патријаршија и тоа е древно канонско право и пракса. Процесот со Белград е нелегитимен и решението кое од таму би произлегло нема да има важност во сеправославниот свет – наведуваат за МИА извори од МПЦ-ОА.
Порталот Религија.мк оцени дека со најавата за признавање на канонско единство со МПЦ-ОА, СПЦ се обидува „да создаде привидна слика наспроти реалноста, поистоветувајќи ги признавањата на канонскиот статус од Вселенската патријаршија и од СПЦ како идентични“.
– Но, тие во себе имаат две огромни разлики. Првата е редоследноста, а втората е административниот статус на црквата. МПЦ-ОА признаена прво од СПЦ како канонска, добива решен канонски статус, но де факто добива и решен административен статус, но како автономија, бидејќи се враќа таму од каде што и се одвоила. МПЦ-ОА признаена прво од Вселенската патријаршија добива решен канонски статус, но останува во неформална автокефалност со нерешен административен статус – наведува порталот.