По тешкиот инцидент кој можеше да предизвика сериозен меѓуетнички конфликт што се случи пред почетокот на протестите против францускиот предлог пред плоштадот „Скендербег“, на влезот во Старата скопска чаршија, се отворија низа суштински прашања, кои мислевме дека одамна ги затворивме…
Впечаток е дека инцидентот на плоштадот „Скендербег“ засега е разрешен, но останува да лебди во јавноста стравот и очекувањето на нови, можни нови ескалации.
Во рамките на нашето истражување и пошироката анкета со граѓаните, низа индиции излегоа на површина кои откриваат растечки енички набој, меѓуетничка наелектризираност, а кај одредени граѓани и револт насочен кон спротивниот етникум, предизвикан токму од инцидентот на плоштадот “Скендербег“.
Одамна сметавме дека релациите меѓу етничките ентитети се стабилизирани и дека здравствената и социјалната криза дури и делуваа во еден дел етнички-кохезионо, бидејќи таквите кризи не препознаваат ниту различни вери, ниту различен етникум. Меѓутоа, со новонаметнатата политичка криза, како една дополнително тешка состојба со сосема различен карактер од претходно споменатите кризи, сеништата на национализмот како да излегоа од пандорината кутија… Во еден таков контекст на настани, се поставува прашањето кој тоа има интерес да си поигрува со такви самоуништувачки игри и да ги рециклира и потпалува меѓуетничките тензии?
„Нова Македонија“ разговараше со експерти од областа на меѓуетничките односи и безбедноста за тоа колку е реално можно да се нарушат меѓуетничките односи во оваа ситуација. Дали одредени високи држави функционери, споменувајќи ги меѓуетничките тензии беа видовити, политички превентивни „свиркачи“ или пак самите беа генератори на судири од ваков карактер, инволвирани да постигнат некакви цели? И во истиот контекст, дали поединците, групите граѓани па и организираните институции се свесни за одговорноста што треба да ја имаат кога кокетираат, замижуваат, не реагираат соодветно за спречување на меѓуетнички конфликти? Можеби некои разузнавачко-безбедносни служби сепак вмешале прсти во инцидентот кај „Скендербег“ при што би сакале да отворат ново безбедносно жариште и да ја прикажат Македонија како реален безбедносен проблем чие место воопшто не е во ЕУ?
Иницијативи од граѓански организации за јавен повик и акција за превентивно делување против меѓуетнички тензии
Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонски центар за меѓународна соработка смета дека за жал, како што некои предупредувале, целава ситуација со францускиот предлог и поларизацијата околу неговото (не)прифаќање, се заканува да предизвика и меѓуетнички тензии.
– Иако навидум неповрзано и непотребно, сепак тоа што Европската унија реши да попушти пред барањата на Бугарија и вметне голем дел од нивните барања кои се билатерални прашања, а дел од нив навлегуваат во оспорување на македонскиот идентитет (вклучително и јазикот), во преговарачката рамка (и придружните документи), придонесе кон оваа ескалација на ситуацијата кај нас – посочува тој.
Исто така, Владата (и претседателот), според Кржаловски, иако добро го започнале процесот на консултации (изјавите уште од Мадрид, дека има нов предлог, кој е подобар, но дека треба со широка дебата околу него, да се дојде до одлука како понатаму), се чини дека пребрзо зазема(а) страна/став/позиција за прифаќање на предлогот и со тоа придонесе кон поларизацијата и тензиите.
– Сепак, главната ескалација со насилни елементи се случи последните два дена (и судирите со полицијата пред Собранието завчера и пукотниците вчера) и е дело на поединци кои учествуваа на протестите, веројатно охрабрени од самото опкружување (нели, во група/толпа сите сме посилни и „похрабри“ да се силиме на други). Не би рекол дека е дело на политичките партии кои ги поддржуваат (или делумно и организираат) протестите, но не е исклучено дека некои од нивните членови ги поттикнале оние што дејствуваа насилно. Сметам дека македонското општество е многу позрело сега отколку што тоа беше на пример за време на конфликтот во 2001 година (а и тогаш отпорот кон насилно решавање на проблемите и конфликтите меѓу нас, придонесе за релативно брзо постигнување на Охридскиот рамковен договор) и дека брзо ќе се реагира да се смират тензиите и спречи понатамошна ескалација. Еве, веќе има неколку иницијативи од граѓански организации за јавен повик и акција за превентивно делување уште денес! – додава Кржаловски.
Од друга страна, како што вели тој, самите настани укажуваат дека многу лесно може да се предизвика и ескалира конфликт (вклучително и насилен, а и со употреба на огнено оружје), па потребно е одговорно однесување особено од сите политички партии (без исклучок) и нивно јавно оградување од ваквите инциденти (но и активна работа на нивно оневозможување за време на мирните протести), секако и од државните институции (особено надлежните, како МВР), но и од пошироката заедница и граѓаните, на обесхрабрување на учесниците во протестите (особено младите) да прибегнуваат кон насилни дејства.
– Дебата околу предлогот мора да продолжи на мирен начин, многу повеќе со дијалог (и меѓу политичките партии и во Собранието и на други форуми како што веќе и беше започната) отколку преку протести (иако и тоа е во ред, се додека се мирни), како и да траат колку е потребно за да се исцрпи дискусијата и се извагаат аргументите дали да се прифати предлогот како што е даден, дали да се отрфли или да се бараат меѓу-решенија… па потоа да се донесе одлуката! – заклучува Кржаловски.
Не смее да се дозволи протестот да метастазира во друга, националистичка димензија
Проф. д-р Никола Дујовски од Факултетот за безбедност – Скопје вели дека сме поминале еден прилично долг временски период во кој државата немаше меѓуетнички тензии и немаше недоразбирање меѓу заедниците.
– Фактот е и во тоа што СДСМ и ДУИ веќе долго време коалицираат, ВМРО-ДПМНЕ се заедно со Алијанса на Албанците и веројатно со Беса, но сега поддржани и од партијата Левица. Се случува еден сосема поинаков процес. После овие два-три дена делумно насилни протести или комплетно насилни протести, можеме да забележиме дека целта воопшто не е да се изрази протест против францускииот предлог или против политиките на Владата. Туку како што изјави и самиот Мицкоски борбата е против власта во државата, нивната единствена цел сега повеќе не е единствено мирно да протестираат против францускиот предлог, туку да ја срушат владата и да предизвикаат предвремени парламентарни избори. Во ваква ситуации, ова не е првпат, многу политички партии во Македонија прибегнувале кон меѓуетничките односи – објаснува проф. Дујовски.
Според него, заканите дека ќе бидат нарушени меѓуетничките односи ако не се случи едно или друго, доаѓаат токму од лидерите на политичките партии кои свесно, намерно или тенденциозно прибегнуваат кон тоа да предивикаат меѓуетники недоразбирања.
– Во такви ситуации најголема корист во општеството имаат националистите,односно националистичките партии. Потребна е мудрост и разум, зашто нема потреба да ги нарушуваме односите меѓу Македонците и Албанците, заради бугарскиот предлог. Впрочем тоа е и секундарната цел на Бугарите, тие дефакто успеаја да ја дестабилизираат Македонија. И во таква ситуација сите политички лидери треба да повикаат на одговорност и на смирување на тензиите, никако да се дозволи да се повтори тоа синоќа, да Македонците и Албанците да бидат насочени еден против друг – заклучува тој.
Ние сме модерна демократија, додава професор Дујовски, зашто веќе сме покажале дека знаеме да живееме едни покрај други и дека немаме посериозни предизвици.
– Македонија е успешна приказна и поради тоа што во целост во 2001 година го имплементираше Охридскиот договор. Сега е време кога сите треба со трезни глави да одлучиме дали нашата држава во која живеат Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми и се разбра многу други, па дури и неколку Бугари меѓу нив, заслужува да биде земја членка на Европската Унија или ќе останеме заглавени во национализмите на 20 век. Треба многу помудро и со многу поголемо внимание да се пристапи кон ова прашање и никако да не се дозволи протестот против владините политики во однос на прифаќањето на францускиот предлог да се преточат во големо незадоволство меѓу двете доминантни заедници во државата – анализира професорот.