Најмалку 60 луѓе загинаа, а повеќе од 100 се ранети во синоќешниот терористички напад во концертна сала во трговски центар во предградие на Москва, пренесоа светските медиуми.
Масовно пукање во концертна сала во Москва, има загинати и ранети
Според досегашните информации, група од најмалку четворица напаѓачи пукале во посетителите на концертот.
При нападот напаѓачите најверојатно користеле експлозивни направи со кои го запалиле трговскиот центар, а гаснењето на пожарот траело до раните утрински часови.
Шефот на Московскиот регион Андреј Воробјов изјавил дека пожарот во голема мера е елиминиран. Тој кажал дека се урнал покривот над салата во „Крокус сити“ и дека продолжува отстранувањето на урнатините.
– Три деца загинаа во терористичкиот напад на „Крокус Сити Хол“, покажуваат податоците на Министерството за здравство на Московската област, пренесе „РИА Новости“.
Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот кај Москва, преку својот канал на Телеграм, објави британски „Гардијан“.
– Борците на Исламската држава нападнаа голем собир на христијани во предградијата на руската престолнина Москва, убивајќи и ранувајќи стотици и предизвикувајќи големо уништување на локацијата пред безбедно да се повлечат во своите бази – се вели во објавата на Телеграм.
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Москва, приведен осомничен
Истражниот комитет изјави дека се уште е „прерано да се каже што се случило со напаѓачите“. Засега се верува дека по нападот успеале да побегнат од трговскиот центар и дека по нив се трага. Нивниот идентитет засега не е потврден.
Кремљ соопшти дека шефот на ФСБ и другите руски безбедносни организации се сретнале со претседателот на Русија, Владимир Путин.
Путин е информиран за нападот во Москва, ги издал потребните инструкции, посочи Песков
Претседателот Путин им се заблагодари на лекарите кои ги згрижија повредените, а на повредените во нападот им посака брзо закрепнување, изјави вицепремиерката Татјана Голикова, пренесе „Ројтерс“ повикувајќи се на руските агенции.
Низ цела Москва осамнаа билборди на кои пишува „Скорбим“ (Жалиме).
Сите јавни настани во Русија се откажани.