Русија ги поканила вршителите на должноста во амбасадите на трите балтички земји, за кои тврди дека ги „саботираат“ претстојните руски претседателски избори во март – пренесе „Хина“.
Русија ги обвинува Естонија, Литванија и Летонија, три поранешни советски републики, дека ги „саботираат“ претседателските избори и одбиваат да ги обезбедат избирачките места во руските амбасади на нивна територија.
– Вршителите на должностите од балтичките земји во Москва беа поканети во Министерството за надворешни работи поради немањето соодветен одговор на повторените повици од руската страна за гарантирање на безбедноста за време на претседателските избори во март – соопшти руското Министерство. .
Москва побара од трите земји да ги преземат „сите неопходни мерки“ за безбедноста на амбасадите за време на изборите.
– Доколку се случи саботажа, ќе постапиме решително – предупреди Министерството.
Претседателот Владимир Путин се очекува да победи на претседателските избори во март поради недостаток на вистинска опозиција по долгогодишна репресија на неистомислениците и политичките непријатели.