Серијата мали потреси, или поточно околу 40 афтершокови по синоќешниот земјотрес во Грција, кој значително се почувствува во повеќе градови, се очекувани и не се ризични, вели проф.д-р Михаил Гаревски, поранешен претседател на Европска асоцијација за земјотресно инженерство.
Вчеравечер Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, регистрира серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје, во соседна Грција во околината на Лерин. Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда 5,6 а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на земјата и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
-Со исклучок на Битола која на некој начин е во практично во епицентарот на вчерашниот земјотресот, граѓаните во другите делови на Македонија буквално нема потреба да се вознемиренини. Ризикот за нив е нула – вели проф. Гаревски.
Битола, објаснува тој, е на истата епицентрална линија со Лерин, каде што беше земјотресот, па граѓаните чувствуваат афтер-шокови и се вознемирени.
-Да не се плашат од нив. Иако не може да се предвиди изгледа дека вчера се случи главниот удар, па затоа што имаше 40 афтершокови, кои не можат да предизвикаат никакви додатни оштетувања на објектите. Ќе потенцирам дека кога станува збор за земјотреси не може да се предвидува, но изгледа дека не може да се очекува друг посилен удар – вели професорот.
Н.Б.З.