Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на синоќешниот состанокот во Брисел не успеаја да постигнат консензус за воведување на шестиот пакет санкции против Руската Федерација.
Нов обид за постигнување договор за засилување на притисоците врз Русија е закажан за денеска, непосредно пред специјалниот самит на лидерите на ЕУ.
Предлогот на европските институции и на Франција како претседавач со ЕУ, предвидува воведување ембарго на увоз на руската нафта што се испорачува по морски пат до крајот на годината, со исклучок на нафтата што се транспортира преку натоводот „Дружба“ што ги снабдува Унгарија, Словачка и Чешка.
Неименуван добро упатен извор од Брисел вели дека и прашањето околу „Дружба“ наскоро ќе биде решено.
Унгарија како земја без излез на море и држава која 65 отсто од својата потрошувачката на нафта ја обезбедува од Русија преку нафтоводот „Дружба“, се спротивставува на ембаргото на нафтоводот и ја отфрли првата понуда за двегодишно нејзино изземање од обврските за забрана на увоз.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек синоќа изрази загриженост поради неединството на Европската унија пред самитот на кој ќе се разговара за руското ембарго за нафта и планот за ставање крај на зависноста од руската енергија.