Јас многу рано доживеав што значи да немаш. Сега кога сум во можност да помогнам, да споделам нешто, тоа и го правам, вели нашиот сограѓанин
Досега во Скопје има поставени 43 закачалки за леб на фреквентни места. На нив граѓаните закачуваат храна и хигиенски средства за да ги земат оние кои не можат да си купат. Четириесетгодишниот маж од Скопје, магистер по индустриско инженерство, сака да остане анонимен за јавноста. Вели дека целта е позначајна од негова афирмација.
– Ги поставив низ цело Скопје, од Ѓорче Петров до Драчево. Нема потреба од некоја поголема мотивација за ваков чекор, доволно е додека се движиме низ Скопје, пешки или со кола, да видиме дека на секој чекор има луѓе што бараат пари за храна. Отсекогаш сум имал некое непријатно чувство кога некој ќе направи добро дело, без разлика какво, и се слика како го прави. Мојата работа завршува кога ќе ги поставам штендерите или кога ќе ја однесам храната, или, пак, ќе ги превезам луѓето до посочената дестинација за да помогнам и ќе бидат среќни поради тоа – вели тој.
Закачалка за леб – за оние што не можат да си купат
Една закачалка, со вклучено бојадисување чини околу 500 денари. Раскажува дека издвојува од секоја плата, купува материјал, заварува и бојадисува. Ги поставува каде што има фреквенција на луѓе, за оние кои сакаат да остават храна да не ја фрлаат во канти или контејнери, туку уредно да ја закачат.
– Нашиот семеен занает е поправка на машини за шиење, па имам искуство. Во компанијата каде што работам ме поддржаа и сега акцијата ќе се шири и во Тетово и Гостивар. Моето семејство е скромно, не сакаме да се афирмираме. Јас многу рано доживеав што значи да немаш. Сега кога сум во можност да помогнам, да споделам нешто, тоа и го правам – вели соговорникот, кој го пронајдовме откако за него ни пишаа наши читатели.
Раскажува дека луѓето убаво реагираат кога ги поставува закачалките.
– Со нив нема потреба од врзување на кесињата со леб и храна за самите контејнери. Досега неколку штендери се извадени, но тоа е. Планот ми е да се постават вкупно 100 – додава хуманиот скопјанец.
Дел од поставените закачалки се спроти амбулантата МВР во центарот на Скопје, во близина на Народна банка, во населбата Аеродром, во близина на пазарот во Тафталиџе…