За основците и средношколците денеска почнува второто полугодие од учебната 2022/2023 година. Со одлука на Владата, зимскиот распуст беше продолжен и почетокот на наставата одложен од 18-ти на 23 јануари заради функционалност на училиштата.
Министерот вчера најави дека на почетокот на второто полугодие ќе се испорачаат учебниците по матетматика и општество за второ одделение.
Тој пред почетокот на второто полугодие истакна дека годинава ќе има и дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно образование ќе бидат целосно достапни и во електронска форма.
Министерството за образование и наука годинава ќе обезбеди и нови учебници за странски јазици за основно и средно образование. Министерот Шаќири го најави и новиот Закон за учебници.
– Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кои ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување на учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема – рече Шаќири.