Бугарија треба да го промениме разбирањето за тоа што значи Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина, изјавил бугарскиот премиер Кирил Петков.
-Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес – рекол Петков, како што соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, во пресрет на негова посета на Македонија најавена за 18. јануари годинава.
Според соопштението, кое го пренесоа бугарските медиуми, посетата на премиерот Петков ќе означи „нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу двете држави.
Посетата на Петков на Македонија се совпаѓа со 30-годишнината од бугарското признавање на независноста на Македонија.
– Оваа посета ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања – соопшти бугарското МНР, најавувајќи ја посетата на бугарскиот премиер на земјава за 18 јануари.
Посетата на Петков на Македонија ја потврди и македонското МНР, во чие соопштение се наведува дека посетата е планирана да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата македонска Влада, а очекувањата се дека оваа посета ќе биде „реафирмирање на досегашните резултати и постигнатиот напредок, како и воспоставување дополнителна интензивна комуникација за надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“.
Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за обезбедување поддршка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, изјави дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје. На овој начин, како што вели амбасадорката во изјавата за радио Дарик, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба.
Македонија веќе подолг период е под бугарско вето на нејзините преговори за членство во ЕУ кое е условено со барањето Македонија да признае бугарски корени во својот национален идентитет и јазик, како и да ги внесе Бугарите во македонскиот Устав. Одговорот од Македонија е дека македонскиот национален идентитет и јазик се македонските црвени линии за кои ниту се преговарало, ниту ќе се преговара.