trump - Zelenski
Фото: ЕПА
Реакции на европските лидери по прекинатата средба Трамп – Зеленски

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го прекина разговорот со Зеленски во Белата куќа, каде требаше да биде потпишан рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини.

Американскиот претседател и потпретседателот Џеј Ди Венс истакнаа дека Зеленски покажал непочитување и неблагодарност кон САД. Трамп посочи дека Зеленски сè уште не е подготвен да стави крај на вооружениот конфликт и оти ризикува да почне трета светска војна.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа му се заблагодари на Трамп затоа што „храбро се заложил за мир“.

– Силните луѓе прават мир, слабите војуваат. Претседателот Доналд Трамп денеска храбро се заложи за мир. Дури и ако тоа е тешко за многумина да го проголтаат. Ви благодариме, господине претседателе – објави Орбан на „Икс“.

По драматично прекинатата средба на претседателите на САД и на Украина, уследи поддршка за шефот на украинската држава од европските лидери.

Реагираа премиерите на Полска и на Шпанија, Доналд Туск и Педро Санчез, истакнувајќи оти Украина не е сама.

Туск на „Икс“ напиша дека Зеленски и Украинците дека „не се сами“, а Санчез објави „Украино, Шпанија е со тебе“.

Британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека синоќа телефонски разговарал и со Трамп и Зеленски.

Стармер наведе дека со нетрпение очекува „да им посака добредојде на странските лидери, вклучително и Зеленски“ на денешниот состанок посветен на Украина во Даунинг стрит 10.

– Стармер ја потврди својата непоколеблива поддршка за Украина и ќе ја одигра својата улога во отворањето на патот за траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина – изјави портпаролот на британската Влада.

Европска Унија синоќа му порача на Зеленски дека ја има нејзината непоколеблива поддршка.

– Бидете силни, бидете храбри, не плашете се. Ние ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир – објавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на „Икс“.

Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека „агресор е Русија, а нападната е Украина“.

– Постои агресор, тоа е Русија, има нападнат народ, тоа е Украина. Мислам дека бевме во право што и помогнавме на Украина и ја санкциониравме Русија пред три години и продолживме да го правиме тоа – истакна Макрон.

И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок посочи дека Германија и Европа се непоколебливо солидарни со Украина.

– Украина не е сама. Германија заедно со нашите европски сојузници стои обединета покрај Украина – и против руската агресија. Украина може да се надоврзе на непоколебливата поддршка од Германија, Европа и пошироко. Нивната одбрана на демократијата и нивната потрага по мир и безбедност е наша – објави Бербок на „Икс“.

Додека премиерката на Италија, Џорџа Мелони повика на „итен самит“ помеѓу Европа и САД и апелираше на обединетост на трансатлантските сојузници.

– Секоја поделба на Западот не прави сите послаби и им користи на оние кои сакаат да доведат до колапс на нашата цивилизација. Поделените односи никому не се од корист – посочи Мелони.

Таа додаде дека е потребна отворена дискусија за „како сакаме да се справиме со главните предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина“.