Новите мутации на коронавирусот донесоа и нови симптоми. Ако на почетокот од пандемијата еден од симптомите беше и конјуктивитисот, кој подоцна исчезна, сега докторите предупредуваат дека со омикронот-сојот повторно е вратен како симптом.
Лекарите велат дека честа цел на омикронот е окото.
Конјуктивата е тенка мукозна мембрана која го покрива внатрешниот дел на очните капаци и склерата (белката на окото), а воспалението на конјуктивата се нарекува конјуктивитис.
– Имав пациентка со конјуктивитис баш на почетокот од јануари. Меѓутоа, таков пациент ми се појави и на крајот од октомври, кога доминтатен беше делта-сојот. Е сега, дали омикронот циркулирал тука и многу порано од што мислевме, не можам да кажам со сигурност. Она што е важно е дека ковид-пациентот мора да се прегледа затоа што тој не може сè да забележи сам. Кога влезе пациентката со конјуктивитис, јас веднаш забележав дека има црвенило на очите. Кога ја прашав дали ја чешаат, ми потврди. Во вакви случаи веднаш се препишува соодветна терапија, за очите најчесто даваме капки. Ковидот навлегува преку респираторните патишта, меѓутоа не знаеме во кои органи може да засегне, кај некои се белите дробови, кај некои бубрезите, има случаи во кои драстично слабее слухот, а кај некои ги напаѓа очите – вели д-р Драган Ѓорѓиевски, специјалист по семејна медицина.
Лекарите потенцираат дека конјуктивитис може да се појави независно од новиот сој на коронавирусот.
Експертите посочуваат дека омикронот има поголем капацитет да навлезе преку очите, во споредба со другите варијанти. Поради тоа луѓето мора да ги заштитат очите со тоа што ќе одржуваат посебна хигена во тоа подрачје.
Најчести знаци и симптоми на вирусен конјунктивитис се чешање на очите, солзење, црвенило, секрет од очите и пречувствителност на светлина.
Доколку окото е црвено, чувствувате болка или чешање, потребно е внимателно да се исчисти со стерилна газа потопена во оладена, претходно стерилизирана вода, додека докторот не препише соодветна терапија.
Омикрон-сојот преовладува меѓу заболените од ковид-19.