фото: Влада

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вели дека од институционален аспект очекува регуларни и демократски избори, но не ја исклучува можноста од странски мешања преку дезинформации и хибридни активности.

-Што се однесува до организацијата на изборите од институционален аспект, да, очекувам регуларни и демократски избори, за тоа ќе се погрижат и Државната изборна комисија, и сите други институции коишто имаат и капацитет, сега зголемен и со претставници на опозицијата, согласно нашиот закон за техничка Влада за спроведување на изборите – вели Ковачевски.

На прашањето на МИА да даде коментар на изјавата на заменик-генералниот секретар на НАТО, дека во земјава постои опасност од дезинформации и хибридни активности во пресрет на изборите кај нас, вели дека тоа е точно.

-Тоа што го кажуваат високите претставници на НАТО, во делот на странски мешања, преку дезинформации и хибридни активности, тоа е точно, подолг временски период. Јас за тоа имам зборувано низ повеќе јавни настапи, дека трети држави, сакаат да влијаат на изборните процеси во Северна Македонија и не само кај нас, туку и во Црна Гора. Затоа што тоа се две држави кои што станаа земји-членки на НАТО а некој сметаше дека тоа се држави во коишто има отворени прашања. И се уште имаме политички партии кои сметаат дека треба да имаме отворени прашања ние, со соседна Бугарија, со Грција, затоа што тие политички партии се финансирани од држави коишто сакаат да го имаат тоа. Дел од нив не го ни кријат толку вешто, бидејќи финансирањето го прават преку трети држави – вели Ковачевски.  

Вели дека како поранешен претседател на Влада и како носител на највисокото ниво на безбедносен сертификат на НАТО, располагал со многу информации и оти е најважно што е отпочнат процесот на идентификување на поединци, групи и институции, кои ги дисеминираат тие лажни информации.

– Тие што тоа го прават, да не мислат дека не се знае. Сметам дека е добро што потпишавме во време на мандатот на мојата Влада Меморандум за соработка со САД во делот на борбата со дезинформациите и лажните вести. Тоа значи дека преку соработка со САД ќе можеме да работиме на идентификување на изворите, на идентификување на начините на пренесување и на идентификување поединци и групи и институции кои ги дисеминираат тие лажни информации и хибридни влијанија во нашата држава, тоа ќе биде подолг процес, меѓутоа добро е што го почнавме процесот и добро е што на тоа веќе работат институциите и би испратил една порака граѓаните се првиот филтер на лажните информации и на странските и на какви било други влијанија кои не и сакаат добро на државата и треба да обрнуваат внимание на изворите од каде ги добиваат информациите, веродостојноста на информациите бидејќи ние во нашата држава имаме коишто се регулирани согласно закон за медиуми, коишто се дел од еснафските здруженија на медиумите, меѓутоа имате и други портали измислени итн, поединци по социјални мрежи кои шират лажни вести – вели Ковачевски за МИА.

Во однос на тоа како течат подготовките за претстојните избори со оглед на кампања, организација и програма, вели дека во текот на изминатите месеци 18-те комисии на СДСМ биле екипирани со околу 200 експерти коишто не се сите членови на партијата, меѓутоа коишто делат исти вредности со нас и коишто работат на новата изборна програма за изборите во 2024 до 2028 година, програма која ќе биде многу конкретна, програма која што ќе содржи конкретни мерки исто како што содржеше и во 2020 година и програма која што, пред се’ ќе се грижи за економската благосостојба на граѓаните за унапредување на општествените процеси и секако за продолжување и заокружување на процесот на европски интеграции.

Во однос на тоа во што ќе се разликува новата програма на СДСМ од досегашната и каде ќе ги акцентираат промените, тој вели дека и досега воделе социјалдемократска политика, како што вели, солидарност, луѓето да се третираат еднакви според законите и дека треба да се работи на прогресивни политики, и оти таква ќе биде и идната програма.

-На програмата работат 18 партиски комисии, коишто имаат 200 експерти во своите области. Таа ќе биде конкретна. Таа ќе значи продолжување на зголемувањето на минималната плата, продолжување на зголемувањето на просечната плата, продолжување на зголемување на работните места, на странските инвестиции, продолжување на енергетската трансформација, бидејќи да не заборавиме дека во мандатот на Владата која што јас предводев, имаме најголемо инвестирање, и најмногу обновливи извори на енергија коишто денес произведуваат електрична енергија – вели Ковачевски.

Истакна дека програмата ќе биде продолжување исто така и на конкретни активности за полноправно зачленување во ЕУ, програма, вели, која што ќе обезбеди еднаквост на граѓаните каде што општеството ќе биде еднакво за сите да можат да ги искористат своите лични и професионални капацитети и да напредуваат во својата лична и професионална кариера.

-Ќе има решенија кои што се однесуваат и на реформи на јавната администрација, бидејќи мислам дека е дојдено време на комплетна професионализација на јавната администрација. Сметам дека времето на балансери, времето на тоа дека кога етничка припадност беше професија е завршено, бидејќи граѓаните очекуваат врвни услуги. Ние денес живееме во време кога се дојдени нови генерации, коишто сакаат брзо и веднаш решавање на нивните проблеми, и на услугите коишто ги бараат од државните институции – нагласи Ковачевски за МИА.

Прашан дали имаат договор со ДУИ да одат со свои кандидидати за претседател на изборите, вели дека СДСМ ќе оди со свој претседателски кандидат, којшто ќе биде поддржан од сите коалициски партии на партијата.