Од 90-тите години на минатиот век во најголем број случаи при изведбата на згради се почитуваат сеизмичките прописи, а од 2013 година Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) доби дополнително мандат од Владата да врши контрола за нивната примена, како при проектот, така и при изведбата, што заедно со одговорноста која сè уште постои кај најголем број проектанти и градежници, придонесува да имаме сигурни градби, вели директорот на ИЗИИС, Влатко Шешов, во интервју за МИА во однос на стравувањата кај граѓаните за сигурноста на објектите и почитувањето на сеизмичките стандарди при нивната изградба.
– Во едно вакво време во коешто живееме, каде што кај населението е изгубена секаква доверба во институциите, и градежништвото нормално ја дели таа судбина. Една од работите на коишто се должи таквото мнение кај јавноста, пред сè, можеби е во непланското градење, во недобро изработените детални урбанистички планови, каде што никнуваат објекти едни до други, онаму каде што можеби не ги очекуваме, и сега населението кога гледа такви објекти, мисли дека тие се небезбедни – вели Шешов.
Тој нагласува дека дури и населението да не верува дека објектите се безбедни, самиот факт што при серијата земјотреси што се случија во Скопје во 2015 година нигде немаше значајни оштетувања, покажа дека новите згради се безбедни.
– Тоа беше реална проверка какви ни се зградите. Бевме на терен на многу објекти како инспектори од ИЗИИС, имаше само неконструктивни оштетувања – на контактот меѓу греди, преградни ѕидови, паѓање негде на малтер…, што апсолутно е во согласност со техничките прописи – нагласува Шешов, додавајќи дека не постојат 100 отсто сигурни згради и во случај на земјотрес сите треба да знаеме дека ќе има оштетувања, но никако не треба да дојде до колапс на градбите.
Шешов потенцира дека Институтот е вклучен во надзорот уште од изработката на техничката документација и фазата на статистика, бидејќи сите проекти што се изработуваат во државата согласно Законот за градење мора да поминат контрола.
– Ние ги контролираме проектите дали се во согласност со техничките прописи и даваме мислење за проектираниот степен. Потоа со тоа мислење и останатата техничка документација инвеститорот оди во општина или во Министерството за транспорт и добива одобрение за градење. Потоа, на ниво во фаза на изведба за поголеми објекти од 300 квадрати двапати во текот на изведбата на објектот наши тимови излегуваат на увид и правиме, да кажеме, контрола дали објектот што се изведува е во согласност со тоа што го дал во општина – истакнува Шешов во интервјуто за МИА.
Тој потенцира дека се проверува дали е задоволен квалитетот, се врши контрола на квалитетот на бетон и челик и на направената арматура, по што изведувачот, односно инвеститорот добива мислење кое ќе му овозможи да добие употребна дозвола и објектот да си се завери во Катастар.
Шешов потенцира дека овие стандарди важат за објекти што се градат според план, но една од слабите алки во овој синџир кога станува збор за сигурноста се дивоградбите, доградбите и уривањето на внатрешни ѕидови во становите.
– Тоа се некои од, да кажам, клучните сегменти каде што мораме и требаме повеќе да работиме за да можеме да зборуваме за една генерална слика на сигурни згради. За овие нелегални градби, да ги кажам – дивоградби, повторно ќе се оградам – може се добри, може не се добри, меѓутоа не постои доказ за нивната сигурност. Информациите се многу оскудни, значи само со геодетски елаборат, со изјава од сопственикот и со сметки од комунално и од струја, се легализираат и се ставаат во фондот на објекти – вели Шешов.
Според него, дополнителен проблем е што за голем број од постојните објекти на кои се прават надградби, секогаш не постои техничка документација, со што, како што вели, „на една непознаница се става уште еден поголем ризик“.
– Генерално политиката на Институтот е овие надградби и доградби да се намалат или да ги нема воопшто, особено во вакви трусни подрачја тоа е голема слабост – додава Шешов.
Токму затоа, според Шешов, Институтот континуирано прави напори за подобрување на јавната свест кај населението и за негово едуцирање, посочувајќи дека кога ќе има земјотрес не треба да се излегува низ врата и да се оди по скали, а и многу малку од граѓаните што живеат во згради знаат каде им е точката на евакуација. Тој потенцира дека првиот чекор е да се намали сеизмичкиот ризик и секој граѓанин да знае што треба да прави во случај на катастрофа.
Не на мобилен, прво што ќе падне, ќе падне мрежата на мобилна телефонија. Не ќе може да дознаете каде е вашето дете. Значи, на тие работи треба да работиме континуирано, така што е потребно подигање на јавната свест, додава директорот на ИЗИИС.
Шешов потенцира дека иако Институтот во соработка со Центарот за управување со кризи и со Дирекцијата за заштита и спасување спроведува активности на тој план, сепак треба и понатаму да се работи ако сакаме да имаме подобри резултати од овие што ги имаме досега.
– Јас во неколку наврати изјавив дека стравот е добро да го има, бидејќи тој нè држи будни, тој секогаш ќе нè тера да бидеме што подобри – потенцира Шешов.