Секој непријателски потег против Јемен ќе има катастрофални последици, изјави членот на политбирото на движењето Хути „Ансар Алах“ Али ал Кахум.
Ал Кахум за „ТВ Ал Мајадин“ изјави дека Хутите нема да се откажат од поддршката за Палестинците без оглед на заканите од САД, Израел или Западот и ќе продолжат со операциите против Израел.
– Јемен е подготвен да одговори на какви било непријателски потези на Америка, Израел или Западот – изјави Ал Кахум, a пренесе „Ројтерс“.
Американската војска претходно во петокот соопшти дека два брода под либериско знаме биле погодени во теснецот Баб ал-Мандаб во Црвеното Море од територијата под контрола на Хутите во Јемен.
Некои компании привремено го прекинаа транспортот низ теснецот.
Хутите, шиитско бунтовничко движење кое контролира голем дел од Јемен, извршија повеќе напади врз бродови во Црвеното Море и го гаѓаа Израел со беспилотни летала и проектили од почетокот на конфликтот на земјата со Хамас.