Летото 2024 година ги собори глобалните рекорди за топлина втора година по ред, што го прави веројатно најжешкото досега – соопшти европската служба за климатски промени „Коперник“ (C3S).
„Коперник“ почнал да ги снима временските услови во 1940 година, а научниците ги користеле тие датотеки за да потврдат дека летото на северната хемисфера, од јуни до август, било најтопло од прединдустрискиот период од 1850 година.
– Во текот на изминатите три месеци, светот се соочи со најтоплите јуни и август, најтоплиот ден досега и најжешкото лето – изјави заменик директорот на C3S, Саманта Бурџис, а пренесе „Ројтерс“.
Таа посочи дека екстремните временски услови ќе станат уште поинтензивни доколку земјите не ги намалат емисиите на гасови кои ја загреваат планетата -пренесе Танјуг, повикувајќи се на „Ројтерс“.
Суши, поплави и тајфуни Променливата клима продолжи да предизвикува хаос ова лето, при што поплавите предизвикани од обилните дождови во Судан минатиот месец погодија повеќе од 300.000 луѓе и придонесоа за ширење на колерата во земјата разурната од војна. Научниците исто така потврдија дека климатските промени предизвикуваат суша на италијанските острови Сицилија и Сардинија и дека го засилиле тајфунот Гаеми, кој во јули помина низ Филипините, Тајван и Кина, при што загинаа повеќе од сто луѓе.
Просечната температура во Европа во текот на трите летни месеци беше највисока досега, со 1,54 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година, надминувајќи го претходниот рекорд од 1,34 степени Целзиусови поставен во 2022 година.
Климатските промени предизвикани од човекот и природниот временски феномен Ел Нињо, кој ги загрева површинските води во источниот дел на Тихиот Океан, доведоа до рекордно високи температури на почетокот на оваа година.
Од „Коперник“ велат дека подпросечните температури во екваторијалниот Пацифик минатиот месец укажуваат на транзиција кон Ла Ниња, постудениот пандан на Ел Нињо, но и покрај тоа, рекордно високи температури се забележани во различни делови на светот.