На официјално барање од Киев Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) неделава ќе посети две украински локации за да ги проверат обвинувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека Украина ги брише доказите за подготовката на „валкана бомба“.
-Инспекторите ќе спроведат независна проверка… за да откријат какво било отстранување на нуклеарен материјал, изјави генералниот директор на МААЕ – Рафаел Гроси.
Гроси во Њујорк ќе зборува пред Советот за безбедност на ОН на затворена седница.
МААЕ на почетокот на неделата најави дека ќе изврши инспекција „во наредните денови“.
Агенцијата вчера повторно потврди дека пред еден месец извршила инспекција на едно од двете локации и дека не е пронајдена непријавена нуклеарна активност.
Претходно вчера рускиот претседател Владимир Путин побара мисијата да биде испратена што е можно поскоро. Според него, Украина сака да користи радиоактивно оружје за подоцна да каже дека Русија извршила нуклеарен напад.
Радиолошката или „валкана бомба“ се состои од конвенционален експлозив опкружен со радиоактивни материи што се наменети да се распрснат како прашина во моментот на експлозијата.
МААЕ изјави дека поради интересот и итноста на предметот, брзо ќе ги објави своите заклучоци.