Ќе се одмрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенинините
Цените ќе се одмрзнат на крајот на февруари
Цените на основните прехранбени продукти ќе се одмрзнат на крајот на месецов, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Одмрзнувањето, пак, ќе значи нивно зголемување. За да се заштитат граѓаните, министерот најави дефинирање на одредени профитни маржи во трговијата на големо и мало.
Дали и колку повисоките цени ќе ги испразнат паричниците на граѓаните?
– Оваа и следната недела ќе имаме директни средби со сите инволвирани страни, особено со производителите и трговците со прехранбени производи, оние производи кои се истакнати во одлуката за замрзнување, да се најде начин да не се зголемат цените, најверојатно ќе се оди со дефинирањето на одредени маржи во трговијата на големо и мало – рече Бектеши додавајќи дека согласно анализите на таков начин нема да има ценовни шокови.
Ако за производи со замрзнати цени се трошело 5.000 денари месечно, ќе се троши 5.500-6000 денари
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека одмрзнувањето на цените на основните прехранбени производи секако ќе донесе нивно зголемување, а оти тоа беше и за очекување.
– Токму поради тоа и реагирав дека мерката со замрзнати цени е само краткорочно речение. Многу од производителите се штитат за да не работат со загуба. Така има градови во кои, на пример, леб со замрзната цена може да купите до 10 часот, а потоа се нуди поинаков производ со реална цена. Или, некои од производителите го намалија производството на одредени производи, а го зголемија на други, за кои цените не се замрзнати – вели Димитров.
Тој смета дека мерката за ограничување на маржите е пофер за производителите и трговците, а во исто време со неа ќе се заштитат и потрошувачите.
– Не очекувам драматични зголемувања на цените по нивното одмрзнување. Со инфлација од околу 6-7 проценти мислам дека замрзнатите цени може да се покачат за околу 20 проценти. Или ако потрошувачот за производи со замрзнати цени трошел 5.000 денари месечно, ќе треба да троши околу 6.000 денари. Доколку, пак, се ограничат маржите сметам дека потрошувачите за производите кои сега се со замрзнати цени би трошеле околу 10 проценти повеќе во споредба со периодов – вели Димитров.
Со одлука на Владата, од 5 декември лани замрзнати се цените на лебот, шеќерот, брашното (тип 400), сончогледовото масло за јадење, трајното млеко (со масленост од 2,8; 3,2 и 3,5 проценти), свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенинините. Тие имаат исти цени колку што имале на 1 декември 2021 година.
Поголем трошок од 10 до 30 проценти
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија вели дека штом ќе се одмрзнат цените, во тој момент слободниот пазар ја диктира нивната висина, а тие се формираат врз основа на сите трошоци за производство или за увоз.
– Не можеме да кажеме колкаво е влијанието на пазарните трошоци врз цената за конкретен производ, зашто тоа е различно кај секој. Енергетската криза, новата минимална плата и други непредвидени трошоци може да влијаат на висината на цените. Мое мислење е дека вкупниот трошок за производи кои сега се со замрзнати цени ќе се зголеми помеѓу 10 и 30 проценти – вели Бошков.
Притисокот на цените ќе потрае до крајот на годината
Професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, за „Нова Македонија“ веќе изјави дека проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница – посочи Беџети.
Европскиот комесар за економија, Паоло Џентилони, рече дека притисокот на цените веројатно ќе остане силен до лето, по што инфлацијата ќе опадне. Сепак, тој предупреди дека неизвесноста и ризиците се и натаму големи. Затоа, Комисијата за 19-те земји-членки на еврозоната за годинава очекува просечна стапка од 3,5 проценти, што е речиси за еден процент повеќе од минатата година. Во сите 27 земји членки на ЕУ, пак, цените во просек на годишно ниво би требало да пораснат дури за 3,9 отсто.