Идеологијата на Сандански прецизно е дефинирана од неговото писмо од 1904 година во кое се вели: „Не бугарска Македонија ние сакаме, туку Македонија за Македонците, Македонија ослободена од тиранијата“. Сандански и неговите приврзаници имале јасен став за националната, политичката, културната и духовната посебност на Македонија. Ова го констатира и Тодор Александров во едно писмо од 1919 година во кое се вели дека санданистите во минатото и сега, на бугарскиот народ му говорат и агитираат дека „треба да се бара автономија на Македонија, зошто таа е одделна економска и географска единица со одделен македонски народ, со своја историја низ вековите и за да не ги плаќа долговите на Бугарија, а некои од нив се закануваат и вака: ако по некое чудо биде дадена цела Македонија на Бугарија, ние ќе се бориме со оружје во рака, за да не го дозволиме тоа обединување.“

Христо Константинов во своето дело „Старикот“, посветено на ликот и делото на Сандански, вели дека „историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода… историја на македонската борба после Гоце, на чии разбирања тој се јави како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник“. Според истиот автор, Сандански не бил основоположник на главните идеолошки и политички линии на македонското движење – запазување на внатрешниот карактер на борбата, самостојност, државна обособеност на Македонија, демократски развој на Балканот, балканска федерација и борба против завојувачката политика на Балканот, но Сандански се пројавил како најфанатичен приврзаник на оваа идеологија. Искажаното се потврдува и од бугарските архиви, односно од извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија од 25 март 1906 година. Во споменатиот документ се вели: „Интернационалноста во Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н.) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев… Луѓето од таа група се вдаховуват од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија.“ Токму последното е суштинската причина за убиството на еден од највеликите и легендарни македонски водачи во посовремената историја.
Во постилинденскиот период Јане Сандански се оформува како една од најкрупните фигури во македонското револуционерно и националноослободително движење. Во овој период негови најблиски соработници биле Стојо Хаџиев, Георги Казепов, Георги Скрижовски, Таската Серски, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Тодор Паница. Сите тие биле пошколувани од Сандански, но ниту еден од нив не ја оспорувал водечката улога на Сандански во Серскиот револуционерен округ и македонското движење. Сандански не бил идеолог и не бил оригинален мислител, но бил надерен со природна интелигенција која му овозможила да ги оцени и апсорбира идеите на другите, истовремено да ги спроведе креативно и конзистентност, оттука револуционерната теорија и практика на Серскиот округ станале познати како Санданизам, а неговите приврзаници продолжиле да се нарекуваат себеси како Санданисти долго време по смртта на Јане.
Меѓу најблиските соработници на Сандански бил и Петар Поп Арсов (еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник, поборник за македонската самобитност, борец за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за изградување на независна Македонска црква и образование, македонскиот литературен јазик и правопис). Искажаното се потврдува и од Артур Смит кој била запознаен со состојбите во македонското движење. Во конотација на поделбите кои настанале кај македонските револуционери, споменатиот автор вели дека втората револуционерна партија била предводена од Петар Поп Арсов кој ги преставувал Јане Сандански и Христо Чернопеев. Слоганот на оваа група бил Македонија за Македонците и силно се спротивставувала на секое мешање на бугарската влада.

 

Димитар Богоевски–Мите во песната „Триесет и девет минаја“ го претставува континуитетот на илинденската традиција

ГЕНЕРАЛ АПОСТОЛСКИ: Не ни требате, му реков на бугарскиот командант кој не ја минуваше Пчиња, длабока до колена

Проект на „Нова Македонија“: Гласот на револуционерите повторно се слуша!