Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ја повика владата да ја запре контроверзната судска реформа, еден ден откако премиерот Бенјамин Нетанјаху го разреши својот министер за одбрана затоа што се спротивстави на потегот кој предизвика масовни улични протести.
– За доброто на единството на народот на Израел, поради одговорноста, ве повикувам веднаш да го прекинете законодавниот процес – напиша Херцог на Твитер.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера го разреши својот министер за одбрана, еден ден откако повика на едномесечна пауза во процесот на контроверзната судска реформа што владата сака да ја спроведе.
– Премиерот Бенјамин Нетанјаху одлучи да го разреши министерот за одбрана Јоав Галант – стои во кусото соопштение од кабинетот на израелскиот премиер.
Галант, кој е член на истата десничарска партија Ликуд како Нетанјаху, во говор во саботата вечер рече дека континуираната јавна поделеност околу ова прашање ќе биде „вистинска закана за безбедноста на Израел“.
Протести се одржуваат секоја недела откако владата на Бенјамин Нетанјаху, една од најдесните во историјата на Израел, во јануари предложи план за реформи кој ја подели земјата.
Реформата, која поттикна загриженост дома и во странство, треба да го зголеми влијанието на пратениците врз судовите. Нејзините критичари истакнуваат дека тоа ги загрозува демократските принципи на израелската држава.
Нетанјаху и неговите сојузници, екстремно десничарските и ултраортодоксните партии, велат дека планираната реформа е неопходна за да се врати рамнотежата на силите меѓу пратениците и Врховниот суд, кој го сметаат за политизиран.