Фото: Кабинет на претседателот

Турција би можела да влезе во Израел за да им помогне на Палестинците како што направи некогаш во Либија и во Нагорно Карабах, изјави синоќа турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган.

-Мораме да бидеме многу силни за Израел да не може во Палестина да го направи тоа што го прави сега – рече турскиот претседател на митингот на владејачката партија АКП во црноморскиот град Ризе, пофалувајќи ги резултатите на индустријата за оружје.

-Како што влеговме во Карабах и во Либија, можеме да направиме нешто слично и на нив – рече Ердоган во говор пренесуван од државната телевизија.

Турскиот претседател не прецизираше каква интервенција има на ум, а претставниците на неговата партија не одговорија за деталите од неговата изјава. Засега нема коментар од Израел.

Во 2020 година, Анкара испрати војници и воена опрема во Либија за да ја поддржи либиската влада на национално единство и нејзиниот лидер Абдулхамид ал-Дбеибах.