Димитар Богоевски-Мите напишал повеќе песни, но најголем дел од неговото творештво е изгубен. Во 1935 година додека учел во Ресен за првпат се претставил како поет, и тоа со песните „Осамотен патник“, „Несреќен Илија“, „Покрај река“, „Мало коњче“ и „Два врапци“. Познат како „момчето од Болно“, со изразити македонски национални чувства, пред малата матура ја рецитирал својата незачувана песна „Легенда за македонските Славјани“, а слична била и незачуваната песна „Богомили“.
Постои сомнеж дека по неговата саможртва за Македонија околу педесетина македонски патриотски необјавени песни и роман се однесени во Бугарија. До денес во Македонија се зачувани неговите песни: „Сат“, „Ученичка тетратка“, „Покрај река“, „Висибаба“, „Спроти Илинден“ (1938), „Стојанка млада партизанка“, „Триесет и девет минаја“ (напишана по повод влегувањето на одредот „Даме Груев“ во с. Смилево на Илинден 1942 година), „Разделвачка“ (објавена во весникот „Наша реч“ во 1940 година) и др. Во 1940 година тој испратил голем број стихотворби во весникот „Наша реч“ во Скопје, но била објавена само песната „Разделвачка“. Редакцијата имала намера да му издаде збирка со неговите песни, но во меѓувреме весникот престанал да излегува. Тогаш се изгубила целата архива на весникот, а со тоа и трагата на неговите песни. Во пролетта 1942 година, Богоевски ја напишал песната „Партизанка“, која заедно со песната „Спроти Илинден“ ја размножил на машина. Подоцна „Партизанка“ станала една од најпопуларните народни песни во Преспанско.
Димитар Богоевски–Мите во песната „Триесет и девет минаја“ го претставува континуитетот на илинденската традиција и во неа можеме да прочитаме: „На стари еден војвода, На Илинденски комита, Лоша го старост наведе, Црни го мисли испиле. Лута го тага изела, За таа пуста слобода. Но, што му очи светнаја, Што му се лице разведри? Кога си виде внуците, Во нова рува комитска, Со танка пушка на рака, Со срце машко во гради, Силна го надеж утеши. Радост го в старост окрепи, Срце на младост затупка. Осуна славен Илинден, Во светла, бела промена, Над славно село Смилево. Во горда Бигла планина, Триесетидевет години, минаа како векови. Султанот сојде нов дојде. Излегоа нови спахии, Стегнаа нови синџири…“.
Проект на „Нова Македонија“: Гласот на револуционерите повторно се слуша!