Фото: Илустрација/Пиксабеј

Дијабетичарите, денеска во 19 часот, ќе излезат на предупредувачки протест пред Министерството за здравство оти немаат терапија и со месеци се оставени без ленти и глукомери. Сојузот на здруженијата на дијабетичарите на Македонија се одлучи за протест по долго трпение, конструктивност и соработка.

-Завршија сите рокови, логички, правни, измислени и смислени игри и манипулации… Заврши времето на лаги и обезличување 150.000 граѓани, 45.000 лица со дијабетес на инсулин! Заврши сето она што го можеше „нашето“ Министерство за здравство и „нашата“ Влада, манипулираа 700 дечиња и млади со пумпи, сетови за пумпи, сензори, глукомери и со терапија! Имаме најиновативна инсулинска и антидијабетска терaпија, благодариме, но не ја добиваме! Зошто? Затоа што им поминаа и на администрацијата и на одгворните сите рокови… Затоа што дојде време да си го земеме она што по Уставот, законот и со буџетот ни следува – велат од Сојузот.

Свесни за жештините, од Сојузот ги повикуваат сите што се во можност да дојдат на протестот.