Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со многу емоции, враќање на спомените и со пригодна свеченост, „Ре-медика“, првата приватна општа болница во Македонија, го прослави својот 20-годишен јубилеј. Под мотото „Пулсираме заедно“, вработените, заедно со пријателите, претставници на државни институции и на дипломатскиот кор и бројни гости, одбележаа две децении успешно реализирање на визијата со која и е создадена болницата како место каде здравјето се раѓа.

– Денес ја славиме визијата што ја започнавме во 2005 година. Токму тогаш, „Ре-медика“ ја започна својата приказна – приказна која ја испишавме сите заедно, со огромна посветеност, хуманост и професионализам. Уште од самиот почеток нашата цел беше јасна – да изградиме установа со врвен, стручен, хуман и етички пристап. Нашите успеси беа брзо препознаени. Денес, две децении подоцна, ја продолжуваме нашата мисија со истата енергија и жар, како на почетокот – кажа на свеченоста генералната директорка на болницата, Елица Јорданова.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

За достигнувањата и професионализмот, за кои сведочат задоволните пациенти, на свеченоста говореше и медицинскиот директор на болницата, проф. д-р Александар Митевски.

– Не изненадува воопшто тоа што „Ре-медика“ веќе 20 години успешно и со сигурност гради една слика за тоа каква треба да биде во вистинска смисла на зборот една болница во денешно време. Може нескромно да кажам дека добрата клиничка пракса и високи стандарди на третман и нега се одомаќинети и се правила по кои се владееме во „Ре-медика“, но да не заборавиме дека постојано и системски треба да се работи за да го донесеме надоброто во стандардната нега на пациентите – истакна проф. Митевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

За нивната неизмерна посветеност, професионална и хумана работа во служба на здравјето и доброто на пациентите, на јубилејната свеченост им беа доделени благодарници и пригодни подароци на 31 вработен во болницата кои веќе 20 години се дел од, како што и самите велат, семејството на „Ре-медика“. За нив, како што рекоа, е чест и задоволство да се биде дел од хуманата мисија во служба на здравјето на секој пациент. Благодарница беше доделена и на првиот директор на болницата, по нејзиното отворање, Ѓорѓи Тренковски.

Гостите ги поздрави и господин Минчо Јорданов, чија инвестиција „Ре-медика“ во 2005 година беше прогласена за најдобра инвестиција во Југоисточна европа од страна на ОЕЦД и „Пактот за стабилност“.

Иако за „Ре-медика“ јубилејот не е само бројка, а секој пациент е засебна приказна, дводеценискиот биланс на болницата говори многу за довербата во она што го работи секој вработен, за секој преглед, за секоја операција, совет, терапија, нега…

За пријатната атмосфера на прославата се погрижија и Тринити Стрингс, Тумбао Салса Бенд, Ана Петановска и диџеј Нино Делиниколов.