Тет-а-тет средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас би требало да се одржи на 17 мај, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, објави грчкиот информативен портал „Њуз247“.
На средбата се очекува да се побара постигнување конечен договор во прашањето за решавање на проблемот со името.
Дипломатски извори за „Њуз247“ потенцираат дека и покрај тешкотиите што постојат, постигнат е важен напредок и договор во поголемиот дел од темите во преговорите, и покрај тоа што останува главната разлика за употребата на името ерга омнес, пишува порталот и додава дека Заев и Ципрас имаат „отворена телефонска линија, иако разговорите и контактите не се објавуваат“.
Според грчкиот портал, 11 и 12 мај се особено важни за развојот на настаните, со оглед на тоа дека во петок, во рамки на конференцијата во Сунио, веројатно Димитров и Коѕијас ќе остварат нова билатерална средба, додека, пак, за сабота е закажан состанок со медијаторот Нимиц,.
„Нимиц, се чини, е решен поодлучно да притисне за постигнување решение“, пишува порталот „Њуз247“.