Од направени 332 теста изминативе 24 часа се регистрирани 33 нови случаи кои дополнително ќе се анализираат за да се утврдат причините, извести министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој нагласи дека сите мерки за заштита од коронавирусот остануваат на сила.
– Денес имаме еден скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме во следните денови за да видиме дали е случајност, некаква варијација или ќе биде некаков тренд. Тоа се резултати од само еден ден и не можеме ништо да заклучиме само од овие резултати од изминатите 24 часа. Ако се сеќавате, во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број новозаболени. Во еден момент имаше и над сто новодијагностицирани. Во таа смисла утре и в сабота ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат. Засега остануваат на сила сите мерки и апелирам сите граѓани да продолжат доследно да ги почитуваат – рече министерот Филипче.
На пат кон Инфективната клиника денес починал 70-годишен пациент кој бил во болницата во Велес од 4 мај, а поради влошената состојба требало да биде префрлен на скопската клиника.
Вкупната бројка на заболени од коронавирус кај нас од почетокот на епидемијата изнесува 1.572 пациенти од кои 1.079 оздравени, 89 починати и 404 активни случаи.