Европејците оваа недела ги очекува топлотен бран со температури кои ќе достигнат над 40 степени, кои се невообичаени за јуни, а од средината на неделата и некои делови на Балканот се изложени на ризик од топлотен бран.
На почетокот на неделата европскиот континент ќе биде зафатен од сув и многу топол воздух од северна Африка, чие влијание ќе биде најизразено во западниот Медитеран, а ќе биде зафатена и Западна Европа, како и Британските острови.
Се очекуваат високи дневни температури, што на некои места ќе се движат од 35 до 40 степени. Особено топло ќе биде во Шпанија, Франција, земјите од Бенелукс, Западна Германија и јужно од Англија.
Европските метеоролози предупредуваат за опасностите од топлотниот бран што се очекува да го достигне врвот во средината на неделата. Во Германија во среда се предвидуваат температури до 38 степени целзиусови, а слично топло време се очекува и во Белгија и Швајцарија.
Британскиот метеоролошки институт Metoffice е загрижен поради топлотниот бран кој може да стимулира ,,силни бури”, па ги предупредува Британците да се подготват за ,,топло, влажно и нестабилно” време.
Грција ќе биде меѓу најтешко погодените земји од топлотниот бран со температури до 39 степени. Во Франција, метеоролозите најавуваат ,,невиден топлотен бран во јуни”, кој ќе ги урне досегашните рекорди.