Специјалното јавно обвинителство преку соопштение појаснува дека со снимката поврзана со случајот „Рекет“ која што ја пренесоа повеќе медиуми, недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од страна на СЈО.

– Имено, на 6 февруари 2019 година ова Јавно обвинителство до Апелационен суд Скопје поднесе предлози за продолжување на мерката куќен притвор за трите осомничени лица. Постапувајќи по тие предлози Апелациониот суд Скопје на 7 февруари 2019 година донесе решенија за продолжување на мерката куќен притвор во времетрање од 30 дена. Потоа, против решенијата на Апелациониот суд Скопје трите осомничени лица изјавија жалби до Врховниот суд. По повод изјавените жалби, ова Јавно обвинителство на 21 февруари 2019 година до Врховниот суд достави предлози, жалбите да се одбијат како неосновани и да се потврдат решенијата на Апелациониот суд за продолжување на мерката куќен притвор – велат од СЈО.

Додаваат дека Врховниот суд, и покрај ваквите предлози на ова Јавно Обвинителство, на 4 март 2019 година донело решенија со кои се уважени жалбите на трите лица, решенијата на Апелациониот суд Скопје се преиначени и е укината мерката куќен притвор.

– Наспроти сите мислења дадени од страна на ова Јавно обвинителство да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења. Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот „Рекет“ – велат од СЈО.


Костадинов: Денешната снимка е дел од однапред подготвено сценарио

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, изјави дека партијата никогаш нема да отстапи од начелото „Нема правда, нема мир“ и рече дека до крај ќе се борат да го вратат правото и правдата во Република Македонија.

Тој ги повика правосудните органи да ги расчистат сите околностите околу актуелниот случај „Рекет“ и да дадат целосни одговори за сите актери кои учествувале во противправни дејствија, како и да даде одговори за поттикнувачите, организаторите и осмислувачите во овој случај.

Според Костадинов, сè што се случува, вклучувајќи ја и денешната снимка, е дел од однапред подготвено сценарио.

– Сите мрачни сили се впрегнати во поништување на правната држава и загрозување на евро-атланските интеграции на Република Северна Македонија. Убедени сме дека на крајот вистината ќе излезе на виделина. Ќе пропаднат очајничките обиди на саботажа на истрагата или за нечиј спас од истата. Напротив, уверени сме дека овие подземни обиди само ќе ја забрзаат истрагата и ќе ја интезивираат и ќе ги извадат на површина сите актери и учесници во случајот „Рекет“ – истакна Костадинов.

Тој додаде дека Мицковски со недели се обидува да инкриминира функционери од СДСМ, па затоа го прашуваат дали погрешниот таргет на опозицијата е обид да ги прикрие сопствените траги.


Јанушев: Снимката е крунски доказ против Катица

Правда во Македонија нема и нема да има се додека судот и обвинителството работат по политичка нарачка на аболицираниот Заев. Денеска целата јавност го виде тоа за кое што се говореше и пишуваше со недели и месеци. Италијанскиот весник „Ла Верита“ објави снимка од која јасно се гледа како Боки 13 или по ново Боки Тредичи зема милион ипол евра и во име на Катица Јанева ги договара чекорите кои ќе ги превземе СЈО во случајот „Империја“, истакна Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

– После денешната снимка станува јасно зошто истрагата тапка во место, а Русковска заедно со Катица Јанева се на одмор. Невозможно е целата јавност да зборува и да знае за рекетот, само Вилма Русковска да не знае што се случувало! Невозможно е целата јавност и медиумите да говорат за улогата на Катица Јанева, Кики, Фрики, Шеки и останатите, а Вилма Русковска да не слушнала ништо. Невозможно е да исчезнуваат суштински докази во предметот, да се губат и форматираат телефони и компјутери, а Русковска да ја врти главата без некој да и каже да го прави тоа.

Дури и обвинител почетник би ги поврзал конците, би пресметал колку се два и два и би се потрудил да ги обезбеди доказите и за останатите инволвирани. Денеска гледаме дека Русковска цел месец само ја замајува јавноста и се труди да ја минимизира политичката штета по Заев, обидувајќи се да ги прикрие трагите, наместо да ги докажува сомненијата за останатите инволвирани.

Цел месец Русковска се труди да не убеди дека Боки Тредичи сам влегувал во домовите на бизнисмените и без ничија поддршка изнудувал милиони евра. Одговорност за овој меѓународен скандал мора да има. Одговорност мора да има за извршителите и за нарачателите, но одговорност мора да има и за оние кои го покриваат криминалот целиот овој изминат период. Исто така одговорност мора да има и од Русковска затоа зошто одлучи да не покрене истрага и против Катица Јанева, и против Кики и Фрики. Со што тие ја имаат задолжено неа или Зоран Заев? Имаат ли дополнителни информации за криминалите на власта?

На снимката јасно се слуша разговорот на Боки 13 во кој вели: „Нема да употреби Катица сега никакви вонредни правни лекови да го продужува и да го одолговлекува моментот, во понеделник или вторник сте на слобода“.

Снимката која ја емитуваа италијанските медиуми е крунски доказ дека Јанева е институционалниот извршител на милионскиот рекет. Но и дека Боки 13 и Кичеец се само пипките на криминалниот октопод на власта. Овде се работи за злосторничко здружување од судии, обвинители и политичари, кои со години харале низ државата и уценувале. За ова одговорност мора да има веднаш.

Пет месеци по настанот, гледаме дека се што Боки 13 ветил и се остварило. Имено исто како што ветува во снимката, барањето за укинување на мерката притвор е одбиено од Апелација. Дополнително одлуката на Врховен суд за укинување на притворот е донесена во понеделник, на 4-ти март. Значи буквално исто онака како што ветува.

Наместо на плажа, Јанева сега требаше да се наоѓа во притвор. Вилма Русковска треба да одговори зошто дозволи Катица Јанева да се шета на слобода, со целосно одврзани раце да влијае на сведоци и уништува докази, да го повтори делото, па дури и да се впушти во бегство.

Русковска треба да одговори дали свесно ја оставила Јанева на слобода за истата да уништува докази, за што постои отворен сомнеж во јавноста дека истото и го направила. Имено Јанева првин тврдеше дека го загубила телефонот, за подоцна истиот да и биде пронајден кај девојката на нејзиниот син, за на крај да се испостави дека истиот е форматиран.

Од снимката се гледа и слуша дека Боки и Кичеец се само обични извршители, а вистинските организатори се други. Ваков милионски рекет кој траел со години, а бил вршен со помош на уцени и ветувања за слобода или затвор директно од Катица Јанева, не може, а да не бил со амин на Зоран Заев, кој ја има апсолутната власт во Република Македонија.

Зоран Заев, СЈО и ЈО на Русковска по денешната снимка се целосно компромитирани и не компетентни да бидат носители на функција. Потребна е итна оставка на владата и организирање на предвремени парламентарни избори – порача Јанушев.