Високиот крвен притисок, дијабетес, дебелината и возраста се покажаа како најчести причини зошто некои пациенти не го преживуваат ковид-19. Станува збор за ризици коишто можат да предизвикаат компликации кај пациенти со коронавирус, за кои често нема лек. Сепак, останува нејасно зошто сè повеќе млади луѓе се на респиратор, дури и умираат од коронавирусот, иако немале претходни здравствени проблеми.

Во последно време сѐ повеќе се зборува за можна „генетска позадина“, т.е. фактот дека нашата генетска ранливост може да има влијание врз тоа како некој се справува со вирусот.

Како пример за улогата на генетиката, холандскиот генетичар Александар Хојшен од Медицинскиот центар на Универзитетот Радбоунд (РУМЦ) во Нијмеген наведува двајца браќа на 35-годишна возраст, кои немале други здравствени проблеми, се заразиле со коронавирусот и двајцата завршиле на респиратор.

Ранливост

– Во тој случај, веднаш се прашувате дали генетските фактори можат да играат улога – вели Хојзен.

Тој додава дека би можело да биде случајно што и двајцата биле толку сериозно болни, но и дека може да станува збор за грешка во имунолошкиот систем.

За време на проучувањето на тие два случаи, научниците добиле извештај за уште две помлади лица од другата страна на Холандија, кои исто така завршиле на респиратор и започнале со истражување бидејќи немале семејна врска. Додека траело истражувањето, еден од нив ја загубил битката со вирусот.

За да се идентификува генетската ранливост од инфекцијата, истражувачите ги секвенцирале нивните егзоми, кои содржат делови коишто кодираат протеини во сите гени. Особено внимание тие посветиле на гените за кои се знае дека се вклучени во вродениот имунолошки одговор.

Се покажало дека четворицата мажи имаат мутација на ген којшто во некои имунолошки клетки произведува TLR7 рецептор. Имено, TLR7 го предупредува имунолошкиот систем на инфекција, односно откривање на синџирот на РНК што ги носат некои вируси, како што е случајот со САРС-КоВ-2. Научниците исто така сметаат дека овој рецептор ги препознава и тесно поврзаните вируси на корона, како што се МЕРС или САРС. Кога се активира вирусот, рецепторот го „буди“ ослободувањето на интерферон, т.е. молекулите на имунолошка сигнализација кои учествуваат во одбраната на телото од вирусни инфекции.

Промени на ДНК

Покрај генетските тестови, истражувачите тестирале и имунолошки клетки од крвта на пациентите и нивните семејства. Се покажало дека сите имаат многу помалку интерферон како одговор на инфекцијата отколку што се очекувало. Во лабораторијата, тие користеле молекула наречена имиквимод (модификатор на имунолошкиот одговор) за да ги активираат TLR7 рецепторите со симулирање на инфекција.

Откриле дека мутацијата во TLR7 ја оневозможува нивната заштита од коронавирусот. Нагласено е дека ваквото истражување е од големо значење за можните лекови кои би им помогнале на таквите пациенти да го „подобрат“ имунитетот или да одговорат подобро.

Генетското истражување најчесто е поврзано со сериозните заболувања кај  младите луѓе со ковид-19, односно оние кај кои немало здравствен ризик што би било причина за да се појават компликации.

Во студијата објавена пред околу еден месец, во која се испитува геномот на 1.610 пациенти хоспитализирани за време на епидемијата во Шпанија и Италија, се откриени промени во ДНК кои исто така можат да влијаат на текот на болеста, иако тие се многу мали, пренесува „Јутарњи лист“.

Откриено е дека кај некои пациенти имало генетски промени што доведуваат до нарушувања на  протеините хемокин коишто комуницираат со молекулите на имунолошкиот одговор. Тие обично служат за привлекување на имуните клетки во нападеното ткиво со цел да се уништи вирусот.

Научниците докажаа дека овие промени биле 1,5 пати почесто присутни кај оние пациенти на кои им бил потребен респиратор или некоја друга поддршка за дишење. Имено, мала промена во ДНК е поврзана со намалена активност на ген што помага во регулирање на хемокините.