Притворениот Драги Рашковски кој месец дена издржува казна во затворот „Скопје“ во Шутка, оди во куќен притвор, одлучи Апелацискиот суд во Скопје. Одлуката е донесена на денешната седница, а воопшто не е разгледувана гаранцијата која ја понудил Рашковски од скоро половина милион евра. Според информациите, Вишото јавно обвинителство се одлучило исто така да даде согласност за поблага мерка за Рашковски, а со тоа да даде согласност до Апелација.
Рашковски е во притвор од крајот на месец април, кога Кривичен совет, по барање на јавниот обвинител Ивана Трајчева, ја преиначи одлуката и од куќен пртивор го спроведе во затворот во „Шутка“. Заедно со него, во затворот беше спроведен и сопственикот на „Инвока груп“, фирма од која биле набавувани софтвери во спрона постапка според тврдењата на Обвинителството.
Патувањето во Мексико на ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, беше една од причините поради која обвинителката Ивана Трајчева, се сомневаше дека тој може да избега. Втората причина поради која беше побаран ефективен притвор е влијанието врз сведоци, за што, Трајчева тврди дека Рашковски веќе се обидел да го направи тоа. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, веќе поднесоа и жалба на одлуката за куќен притвор, но до овој момент, нема одлука од Кривичниот совет.
Рашковски се гони бидејќи Обвинителството смета дека како генерален секретар на Владата, спровел постапка за јавна набавка спротивно на прописите, која претходно ја договорил со фирмата која го добила тендерот. Во прилог на ова, Обвинителството вели дека Рашковски дал и насоки како да се изготви техничката спецификација на јавната набавка.