Венецуелскиот претседател Николас Мадуро се појави опкружен со војници во воена база во Каракас, покажувајќи пркос кон неговите противници, пренесува Би-би-си.
Мадуро ги повика оружените сили да го победат секој што заговара пуч, по дводневните судири помеѓу опозициските и владините сили.
Опозицискиот лидер Хуан Гваидо претходно се обиде да поттикне воен удар со цел да го отстрани Мадуро од власта.
Но, претседателот ја пофали лојалноста на војската.
– Никој не смее да се осмели да донесе војна во нашата света земја – порача Мадуро, отфрлајќи ги тврдењата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, оти тој е подготвен да бега од државата.
Еден од лидерите на опозицијата Леополдо Лопес истакна оти уште очекува дека војската ќе го отстрани Мадуро од власт, и покрај проблемите со кои се соочува опозицијата.