Православните христијани денеска го празнуваат празникот Водици или Богојавление – денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар).
Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.
Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.
Како и во минатите години, најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Во Скопје се пријавени 140 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2019“.
Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“.
Претходно, во 9 часот, тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11.45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.
Во Охрид традиционално во сите парохиски цркви на Дебарско-кичевската епархија ќе се одржи утринска богослужба и божествена литургија. Потоа верниците масовно заедно со свештениците ќе се упатат на Градското пристаниште, каде ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа во 10 часот ќе се положи и чесниот крст.