Со цел 1,3 милијарди католици ширум светот да можат да ги слушнат неговите зборови и покрај коронавирусот, папата Франциск ќе ја прекине вековната традиција и мисата по повод големиот празник Велигден ќе ја одржи преку видео.
Стравот и неизвесноста од болеста од која животот досега го загубија над 100.000 луѓе ширум светот, но чии најтешки последици допрва се очекуваат, ги менуваат општествата и ги трансформираат начините на кои се практикува религијата.
Дури и свечени настани како што се обраќањето на папата до верниците на плоштадот Свети Петар се претворија во онлајн обраќања за време на кои Франциск чита пред камери во изолација на неговата приватна библиотека.
Неговата единствена публика во живо е камерата, а 83-годишниот Аргентинец призна дека се чувствува како затворен во кафез поради целата ситуација.
Папата на Велики петок водеше поворка со факели на темниот и празен плоштад во Ватикан. До 2020 година овој настан се одржуваше пред Римскиот Колосеум пред околу 20.000 верници, придржувајќи се до традиција стара над 50 години.
Но, Рим и остатокот на Италија се ставени во карантин од почетокот на март.
Влезот во Ватикан денес го штити вооружена полиција опремена со заштитни маски и гумени раквици.