Халифа Хафтар побара од неговите сили да започнат „триумфален марш“ кон главниот град
Ал џезира
Меѓународно поддржаната либиска влада распоредува сили во и околу главниот град Триполи откако одметнатиот генерал Халифа Хафтар вчера нареди неговите источни сили да се упатат кон градот, поради што се зголемија стравовите за отворен конфликт со ривалските милиции.
Советот за безбедност на ОН свика итен состанок за денес, на кој ќе се дискутира ескалацијата во долгогодишната борба за власт во Либија.
Новинската агенција „АФП“ пренесе минатиот петок дека дел од самопрогласената Либиска национална армија (ЛНА) на Хафтар не успеа да помине низ безбедносната бариера на милицијата во Завија што се наоѓа на помалку од 30 километри од главниот град.
Силите на Хафтар вчера го презедоа градот Гаријан кој се наоѓа на 100 километри јужно од Триполи. Во аудио-снимка објавена на официјалната фејсбук-страница на ЛНА, Хафтар го опиша потегот на неговите сили како „триумфален марш“ кој „ќе го растресе тлото под нозете на неправедната банда“ и порача дека „се движи кон Триполи“.
Министерот за внатрешни работи, Фати Башага, изјави за „Ал џезира“ дека Хафтар решил да направи потег во момент на смиреност.
– Зошто да се употребува оружје и сила за да се тероризира народот во Либија, да се убива и да се тера да прифати само едно нешто, поточно да прифатат да бидат под власт на воен диктатор. Зошто Хафтар би бил подобар кандидат од другите Либијци? Тие нема да се потчинат на ниедна употреба на сила од која било страна и кое било лице. Ако некој сака да употреби сила против нив, тие се подготвени да се жртвуваат, но нема да се откажат од демократијата која ја посакуваат одамна – кажа Башага.
Хафтар им нареди на неговите сили да влезат мирно во градот и да го употребат оружјето „само врз оние кои сакаат неправда, судири и борба“. Тој исто така им порача да не отвораат оган врз цивили или оние кои се невооружени.
– Безбедни ќе бидат оние кои ќе го положат оружјето и ќе се предадат – изјави Хафтар.
Мировни напори на ОН
Аудио-снимката дојде до рацете на генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш, додека беше во посета на северноафриканската држава и ги изрази своите стравови за можна нова конфронтација. Таа претставува ризик за идните мировни преговори кои ги посредува ОН, а чија цел е да се отвори патот кон нови избори.
– Сакам да упатам силни апели за да престанат сите воени движења, да се чува контролата, мирот и деескалацијата која истовремено треба да е воена, политичка и вербална – порача Гутиереш на прес-конференцијата во Триполи.
Аналитичарите велат дека претходната стратегија на Хафтар имаше цел да ја прошири неговата контрола преку склучување на сојузи и поткупување на опозицијата, а неговиот воен потег е поттикнат од идните преговори.
– Хафтар сака да изврши притисок врз ОН и врз засегнатите страни на начин кој го вклучува и него, стравувајќи дека конференцијата може да отвори целосно нов пат за Либија во наредните неколку години и дека тој може да биде изоставен од процесот – изјави Хафед ал Гвел, соработник на институтот за надворешна политика при универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Државата која е богата со нафта, се бори со немири откако во 2011 година НАТО го поддржа соборувањето на Муамер Гадафи од власта, и притоа има најмалку две ривалски влади – меѓународно признатата влада во Триполи на чело со премиерот Фаиз ал Сараџ, и другата во источниот град Тобрук, која е во сојуз со одметнатиот генерал Хафтар.
Во меѓувреме, највисоката верска власт во Либија побара народот да излезе на улиците против офанзивата на Хафтар, чија цел е да го заземе главниот град.
– Либискиот народ треба да се спротивстави и да се бори против силите на Хафтар во Триполи, за да не се случат злосторства против човештвото како во источните градови Дерна и Бенгази. Повеќе не е тајна дека мисијата на ОН во државата соработува со Хафтар – изјави големиот муфтија Садик ал Харијани за „Ал џезира“.
Распоредување на силите
Тензиите се зголемија завчера, откако војската на Хафтар соопшти дека се движи кон западниот дел на државата, поради што владата во Триполи издаде воен аларм. Истиот ден, на официјалната страна на ЛНА на Фејсбук, беше објавено дека неколку единици се упатиле „кон западниот регион за да го исчистат од преостанатите терористички групи“.
Во објавата не беа наведени детали, но најверојатно се работи за областа долж крајбрежниот автопат што го поврзува источниот град Бенгази, кој е главната база на ЛНА, со Триполи во западна Либија. Во придружната видео-снимка може да се забележи колона на десетици вооружени возила како се движат по патот, но не може веднаш да се одреди нивната локација или дестинација.
Сараџ, кој се потпира на делови од вооружените групи со променлива лојалност, ја нарече источната офанзива како „ескалација“ и побара од силите на Хафтар да „престанат да користат закани“.
Тој наведе дека наредил на провладините сили да се подготват за да „одговорат на сите закани без разлика дали станува збор за терористички групи, криминалци, одметници или сите кои ја загрозуваат безбедноста на секој либиски град“.
Како одговор на офанзивата на ЛНА, вооружените групи во градот Мисрата, кој ја поддржува владата во Триполи, вчера порачаа дека ќе го блокираат маршот врз градот, како што се вели во нивното официјално соопштение на кое се повика агенцијата АФП.
Без воено решение
Во заедничкото соопштение објавено вчера, САД, Франција, Велика Британија, Италија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) побараа итна деескалација на тензиите во Либија. Во соопштението се вели дека „нивните влади се против секаква воена акција во Либија и виновна ќе биде секоја либиска фракција која предизвикува понатамошен граѓански конфликт“. Владите порачаа дека се „длабоко загрижени“ дека борбите се во близина на Гаријан и „апелираат до сите засегнати страни веднаш да ги намалат тензиите, затоа што во ваков деликатен момент во транзицијата на Либија, военото распоредување и заканите од еднострана акција само ќе ризикуваат да се врати хаосот во државата. Така, тие силно веруваат дека нема да има воено решение во либискиот конфликт“.
Дипломатскиот уредник на „Ал џезира“ Џејмс Бејс изјави дека треба да се истакне тоа што две од државите кои излегоа со заедничко соопштение, поточно Франција и ОАЕ, го поддржуваат Хафтар.
– Во дипломатските кругови се зборува дека тие се многу гневни и дека се изненадени што генералот Хафтар одлучил да направи потег во време кога генералниот секретар на ОН беше во посета на Либија. Тие се загрижени за состојбата и ја нагласуваат арогантноста на ваквиот потег во овој момент – порача Бејс од самитот на НАТО во Вашингтон.
Де факто командант
Во изминатите неколку години, Хафтар го прошири своето влијание во големи делови од Либија и постојано ја искажуваше својата намера за офанзива на Триполи. Известувајќи за „Ал џезира“ од главниот град, Махмуд Абделвахед вчера изјави дека „состојбата постепено се влошува“. Тој додаде дека „ривалските фракции на теренот ги игнорираат предупредувањата на шефот на ОН“ и состојбата во Триполи ја опиша како „тензична“.
– Луѓето се исплашени дека силите на Хафтар ќе влезат во Триполи и ако тие се вклучат во воените судири со локалните вооружени групи, ќе настане нова војна. Свесни сме дека локалните вооружени групи се заколнаа дека ќе се судрат со војската на Хафтар, ако таа се приближи до Триполи – изјави Абделвахед.
Зголемените тензии се случија додека ОН се подготвува да одржи конференција при крајот на месецов во југозападниот град Гадамес, на која ќе се дискутира политичко решение за да се подготви државата за долго одложуваните избори и да се избегне воен судир.
Абделвахед изјави дека можеби Хафтар сака да стигне до Триполи пред конференцијата „за да може да се наметне како де факто безбедносен командант во западната област“. Аналитичарите се сомневаат дека ЛНА може да спроведе целосен напад затоа што има распоредено сили и на југот и се потпира на племенските и на другите помошни сили.
Подготвила: Билјана Здравковска