Договорот од Преспа не носи придобивки само за Северна Македонија која може да стане членка на НАТО и ЕУ, туку е во корист и на Грција и на цела Европа, рече вечерва германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Таа истакна дека не постои никаква поврзаност меѓу решението на спорот со името со економските реформи во Грција како што тврдеше Кирјакос Мицотакис.
На средбата во премиерската палата во Атина, како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер и германската канцеларка, меѓу другото разговараа и за Договорот од Преспа, но и за европската перспектива на земјите од регионот.
Меркел на прес конференцијата по средбата со Ципрас го користеше името Северна Македонија за нашата земја.
– Благодарна сум на Алексис Ципрас, кој работеше на решавање на долгогодишното прашање за името, обидувајќи да најде решение заедно со премиерот на соседната земја, господинот Заев. Мислам дека овде станува збор за нешто за кое секој од нас знаеше дека нема да доведе до лесно решение, но сега со името Северна Македонија за сите нас и овде говорам во име на Германија, се создава јасност и ѝ дава можност на Северна Македонија да може да стане член како на НАТО, така и на Европската унија. Но, ова не е добро само за Северна Македонија, туку е добро и за самата Грција – рече Меркел и му честиташе на Ципрас за решителниот чекор.
Германската канцеларка одговарајќи на новинарско прашање во однос на тврдењата на лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис за размена на договорот за името со пензиите, рече дека „не постои никаква врска меѓу активностите за прашањето за името и прашањето за економските реформи“ и додаде дека е изненадена што требала да споменеме нешто такво.
– Секако дека ќе постојат различни ставови и секако јас нема да се вмешам во различните планови на политичките партии во Грција. Јас, едноставно би сакала да го пропагирам крајот на прашањето со името. Ќе разговарам со Мицотакис без да сакам да дадам голема вредност на мојата улога, но верувам дека ова што се случува, решението на името ќе биде во корист на Северна Македонија, на Грција, но и на Европската унија. Длабоко сум убедена за ова – истакна Меркел и додаде дека онака како што целото прашање го поставила на прес конференцијата ќе му го претстави и на Мицотакис на нивната утрешна средба, но смета дека нема да може да влијае и да ја смени ситуацијата само затоа што говорела како канцеларка на Германија.
Грчкиот премиер од своја страна рече дека Договорот од Преспа може во иднина да биде модел за решавање на спорови.
– Договорот од Преспа е многу важен чекор напред за стабилноста, безбедноста, заедничкиот развој во регионот. И јас верувам дека можеби е модел и за други можни договори во иднина, што може да укажува на решенија, на прифатливи решенија во иднина, модел на решенија, бидејќи без наметнување од едната на другата страна се дава можност да се оди наред – рече грчкиот премиер.
И Меркел и Ципрас на заедничката прес конференција позитивно говореа за европската перспектива на земјите од регионот.