Собранието вечерва со 53 гласови за, 26 воздржани и ниту еден глас против, ги изгласа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се овозможуваат новите заштитни мерки против ковид-19.
Станува збор за повеќе мерки, меѓу кои и задолжителното носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, како и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи. На семеен настан во eден стан да може да се примат најмногу четворица луѓе, а ќе се забрани и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22.00 часот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и поради искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.