Скопје го чека ставот на новата бугарска влада откако одговори на пакетот 5+1 испратен од Софија, како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Првата средба на македонските власти со новиот бугарски премиер Кирил Петков е најавена за јануари.
– Одговоривме на пакетот 5+1 што беше испратен од страна на Бугарија како предуслов за нивна поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Северна Македонија ги прати тие одговори и мислам дека со тоа ние го комплетиравме нашето досие и навистина не треба да се впери прст кон нас поради која било причина за незапочнување на преговори – истакна македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи оти разговорите продолжуваат понатаму.
Тој истакна дека сега се чека ставот на новата политичка Влада во Бугарија, нагласувајќи дека македонските позиции се јасни.