Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот Метју Нимиц, денеска во Преспа треба да го потпишат договорот постигнат меѓу двете земји во врска со името.
Според постигнатиот договор, официјалното име на земјава за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија.
На потпишувањето во Псарадес на грчка страна од Преспанското Езеро, ќе присустуваат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои на 12 јуни во телефонски разговор го потврдија договореното во преговорите, што беа обновени кон крајот на минатата година.
Предвидено е Заев и Ципрас да имаат обраќања на свечената церемонија на потпишување, по што заминуваат за Отешево каде што ќе биде одржана официјалната средба на двете делегации, ќе има билатерален разговор и свечен ручек.
На церемонијата во Псарадес и во Отешево ќе присуствуваат потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
Договорот со Грција е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.
На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи.
Откако ќе биде доставен до Собранието пратениците треба да гласаат и да го усвојат со обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник, што значи дека 31 треба да гласаат „за“, за договорот биде ратификуван.
Потоа следува негово испраќање до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.
За договореното, конечниот збор ќе го имаат македонските граѓани на референдумот, кој треба да се одржи во септември или октомври.