Македонија доби позитивен извештај од Европската комисија и зелено светло за пристапни преговори со Европската Унија, но одлуката за почнување на пристапните договори треба да биде прифатена и да добие поддршка од сите влади на земјите-членки на ЕУ.
Европското издание на магазинот „Политико“ објавува дека дел од членките, како на пример, Холандија и Франција, индицираа оти нема да ги поддржат пристапните преговори со Македонија и Албанија, двете земји кои позитивни извештаи. Од друга страна, Берлин сигнализираше дека дава поддршка двете земји од Западен Балкан да започнат со пристапни преговори.
Еврокомесарот за проширување на Европската Унија Јоханес Хан денес го презентираше извештајот на Европската комисија (ЕК), во кој Македонија доби позитивна оценка и притоа му предложи на советот да даде датум за почеток на пристапни преговори на нашата земја и соседна Албанија. Меѓудругото, освен за Македонија и Албанија, комисијата ги објави извештаи за шест држави од Западен Балкан и Турција.
Во извештајот на ЕК стои дека во однос на политичките критериуми, Македонија продолжи да одржува стабилно темпо во спроведувањето на европските реформите во зададениот период, а владата презела чекори за враќање во сите сфери на владеење, ја зајакнала демократијата и владеењето на правото.
– Земјата продолжи да спроведува суштински промени во една инклузивна и отворена политичка атмосфера. Земјата продолжи да дава конкретни резултати во клучните области наведени во Заклучоците на Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација. Културата на компромис во политичкиот пејзаж е подобрена со напорите на владата да се допре до сите засегнати страни, вклучително и опозицијата и граѓанското општество, на еден инклузивен и транспарентен начин. По потпишувањето на историскиот договор постигнат со Грција лани во јуни (познат како „Преспански договор“), во септември истата година беше спроведен консултативен референдум, при што мнозинство гласачи го поддржаа членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор. Претседателските избори беа добро организирани и се почитуваа основните слободи, со што им се овозможи на граѓаните да бидат добро информирани пред да го дадат својот глас за еден од кандидатите – пишува во извештајот.
Дополнително, од ЕК се осврнуваат и на добриот напредок на разузнавачките служби и формирашето на новата Оперативна техничка агенција, сметаат дека Македонија е скромно подготвена за реформирање на јавната администрација, а судскиот систем има постигно делумно ниво на подготвеност.
– Што се однесува до борбата против корупцијата, Македонија поседува одредено ниво на подготвеност. Властите треба дополнително да ги засилат напорите да покажат дека борбата против корупцијата е државен приоритет на сите нивоа на овластувања. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и натаму предизвикува загриженост. Во борбата против организираниот криминал, земјата поседува одредена подготвеност – сметаат од ЕК.
Во извештајот пишува и дека правната рамка за заштита на основните права во голема мера е во согласност со европските стандарди и земјата постигна добар напредок, и според нив, нашата земја е подготвена до одреден степен, поточно е делумно подготвена во областа на слободата на изразувањето, но постигна добар напредок во текот на минатата година.
– Што се однесува до економските критериуми, Македонија постигна одреден напредок и се наоѓа во добра фаза за подготовка за развој на функционална пазарна економија. Повторно беше забележан економскиот раст по една година на стагнација, иако инвестициите се намалени – стои во позитивниот извештај на Европската комисија.