Денеска во Белгија се почувствува влијание од демонстрациите во Холандија. Околу 500 демонстранти беа уапсени од страна на полицијата во Брисел. Обиди за демонстрации имаше кај Атомиумот и во центарот на Брисел, во близина на метростаницата Централ и паркот Кунстберг. Присуството на полицијата беше масовно околу овие критични места.
Стотици полициски службеници беа наредени со цел да ги спречат протестите. По нивната интервенција, демонстрантите се разотидоа. На социјалните мрежи, сепак, објавите повикуваа демонстрантите да се упатат кон главниот град и да протестираат против ковид-мерките. Според полицијата, во демонстрациите, меѓу другите, учествувале и поддржувачи на пет прволигашки фудбалски клуба од Белгија.
Демонстранти имало и од Валонија и од Фландрија. Нивната порака била заедничка: релаксирање на мерките и право на социјален живот. Неколкумина од нив скандирале извикувајќи дека сакаат да им се врати слободата.
Белгиските рестриктивни мерки вклучуваат полициски час од 21.00 часот и забрана за непотребни патувања низ земја која има трета стапка на смртност на 100.000 жители ширум светот. Но, за сето време, полицијата успеа да ја држи ситуацијата под контрола. Според полициските извештаи, конфискувани се петарди, ножеви, штитници за лице и армирани ракавици. На крајот на протестот, околу 15 часот, демонстрантите го напуштија Брисел.
Специјално од Брисел за „Нова Македонија“, Лорета Трајкоска