„Правда за уставобранителите“, беше побарано денеска на протестот за поддршка и правда за осудените од насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Протестот, на кој присуствуваа неколку илјади граѓани, започна пред Владата, а заврши пред Собранието.
Според организаторите на протестот, обвиненијата за тероризам се политички монтирани и тие бараат од Врховниот суд да го поништи судењето, да ги укине нивните пресуди и да се одржи ново судење, бидејќи сметаат дека пресудите се базираат на лажни сведочења.
Протестот е во организција на македонските заедници и организации од дијаспората, а беше поддржан од опозициските партии, меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ.
– Револтиран е народот и му е преку глава. Чашата ја прели именувањето на Кацарска за претседател на Уставниот суд. Народот е на ивица на трпение и ако продолжи вака отсутно да се однесуваат Зоран Заев и владата на СДСМ, јас се плашам дека работата ќе се радикализира уште повеќе.
Мојата порака до нив е да не си играат со трпението на народот затоа што тоа трпение има и свој крај. Пендаровски ја менуваше својата изјава во неколку наврати, првично рече дека луѓето не се вниновни за тоа што се осудени, и тоа е нашето барање. Тоа е да се врати процесот отпочеток и да се судат за тоа што навистина го погрешиле пред законот, а не за тоа што го нарачал Зоран Заев за да денеска Кацарска стане претседател на Уставниот суд – изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е втор протест за поддршка на осудените за 27 април во организација на македонски заедници и организации од дијаспората. Првиот протест беше одржан на 25 април.