Бугарија ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати тековно предложената рамка за преговори со Македонија и нацрт-декларацијата до неа, бидејќи не ги дава потребните гаранции за исполнување на условите за Бугарија, соопшти бугарското министерството за надворешни работи.
– Во исто време, Бугарија му се заблагодарува на германското претседателство со Советот на ЕУ и комесарот за проширување Оливер Вархеи за конструктивниот пристап и секојдневната заедничка работа во потрага по решение што е сè уште можно да се постигне и покрај кратките рокови – велат од Министерството.
За Бугарија е неприфатлива опцијата за поставување на нејзините услови за Македонија во декларацијата на Советот на ЕУ, придружувајќи ја рамката за преговори.
– Декларацијата на Советот не е правно обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Ние би имале такви гаранции доколку нашите барања се рефлектираат во текстот на Рамката за преговори, на кој инсистираме – соопшти бугарското МНР.