Американскиот демократски кандидат во трката за Белата куќа, Џо Бајден, се обидува да ја санира штетата што ја предизвика со изјавата дека Афроамериканците не се навистина црни ако наместо за него гласаат за претседателот Доналд Трамп.
Овој гаф Бајден го направи за време на интервју што во петокот го имаше со истакнатиот афроамерикански радио водител Charlamagne tha God, а во врска со неговите пораки до црните гласачи.
Бајден подоцна изрази жалење поради незгодниот коментар, пренесува Би-би-си.
Црните гласачи се клучни за поддршка на кандидатурата на Бајден.
– Ја освоив секоја изборна единица. Освоив поголем удел на црни гласови од кој било друг, вклучувајќи го и Барак – рече Бајден, споменувајќи го Обама како прв Афроамериканец на функцијата претседател, во чија администрација Бајден ја вршеше потпретседателската должност.
Бајден исто така рече дека гарантира оти разгледува повеќе опции за црномурни жени како кандидати за потпретседател.
На самиот крај на интервјуто, помошникот во кампањата на Бајден го прекина разговорот, изјавувајќи дека на поранешниот потпретседател на САД и претседателски кандидат на демократите му истеколо времето.
Кога соработникот на Бајден се обиде да го приврши интервјуто, водителот реагираше. „Не можете да го сторите тоа во црн медиум“, рече тој.
– Го правам тоа и на белите и на црните медиуми – одговори Бајден, додавајќи дека неговата сопруга чека да го искористи нивното домашно студио.
Charlamagne потоа го покани Бајден да се врати и да даде друго интервју затоа што има уште прашања за него.
– Ако и натаму имате проблем да одредите дали сте за мене или за Трамп, тогаш не сте црнец – одговори Бајден.
Радио-шоуто „Брекфаст клаб“ и неговиот популарен водител, секој месец го слушаат повеќе од осум милиони слушатели.