Економист
Практиките кои го оправдуваат просперитетот немаат голема поддршка кај народот
Кога на 19 октомври падна мрак, генералот Хавиер Итуриага, командантот на националната одбрана на Чиле, го прогласи првиот полициски час во главниот град Сантијаго по 29 години од крајот на воената диктатура на Августо Пиноче. Наредбата која важи за главниот град и околните области, беше одговор на немирите што почнаа пред неколку недели поради зголемувањето на цената на билетот за метрото. На 18-ти и на 19-ти овој месец, бунтовниците ги запалија метро-станиците и автобусите, поставија барикади на улиците и се судрија со полицијата. Јавниот превоз во градот беше прекинат. Демонстрациите почнаа да се шират кон другите градови, а полициски час беше воведен и во Валпараисо и Консепсион. Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера го прекина зголемувањето на цените, но ниту неговото предавање ниту полицискиот час не ги прекинаа немирите. Супермаркетите се ограбени, а тројца загинаа во пожар ноќта на 19-ти октомври.
Насилството зачуди многу Чилеанци. Нивната држава е една од најпросперитетните и најмирните во Јужна Америка. Сега таа се соочи со еден вид на превирања кои неодамна се појавија во Еквадор, кој е многу посиромашна држава, кога неговата влада ги крена цените на горивото за да ги исполни условите од договорот со ММФ. (На крајот владата исто така попушти).
Цената на јавниот превоз на Чиле, кој ги вклучува билетите за автобус, воз и метро во главниот град, ја одредува експертски панел кој ги има предвид факторите на цената на дизелот и вредноста на пезото. Ваквиот технократски пристап во некои области од политичките одлуки го одразува релативно економскиот либерализам на Чиле, кој во многу наврати придонесе за релативен економски просперитет. Ова не секогаш има поддршка кај народот, како што покажа реакцијата од зголемувањето на цените на јавниот превоз. На 6-ти октомври, панелот за јавен превоз ја крена цената на билетите за метро во најфреквентниот период од денот во Сантијаго за 30 пезоси (четири американски центи) на 830 пезоси, а како причина беше наведена цената на дизелот и силниот долар. Првиот знак на отпор беше масовно неплаќање на билет за превоз што одеднаш прерасна во насилство. (Ниедна позната група не стои зад немирите).
Владата на ова даде несоодветен одговор. Ден по поскапувањето на билетите, министерот за економија Хуан Андрес Фонтен предложи граѓаните да тргнат порано за да го избегнат најфреквентниот период. Наместо да се сослушаат жалбите на граѓаните, се воведоа строги мерки. На 18 октомври, полицијата доби поголеми овластувања за да апси и казнува демонстранти, според законот за државна безбедност кој датира од 1958 година и важеше за време на диктатурата. Оттогаш неколкупати беше изменет, со што, со казна затвор се соочуваат сите што ја уништуваат јавната инфраструктура или поттикнуваат на нејзино уништување. Како што протестите продолжуваа, така владата прогласи вонредна состојба и ја распореди војската. Ова потсетување на диктатурата само ја зголеми поддршката за протестите. Пињера предизвика поделби со неговото обраќање во кое им порача на Чилеанците да изберат меѓу насилство и демократија, а во подоцнежниот говор испрати поинакви пораки односно да се направи разлика меѓу мирни и насилни протести.
Чилеанците не се гневни само поради високата цена на јавниот превоз. Тие плаќаат високи здравствени придонеси, а чекаат многу долго за преглед кај доктор. Државното образование е многу лошо. Ниски се пензиите со кои управуваат приватни фирми во систем формиран од страна на режимот на Пиноче. Зголемената нееднаквост во приходите уште повеќе го поттикнува гневот. Во 2017 година, приходите на најбогатите 10 отсто од домаќинствата беа за 39,1 отсто повисоки од оние на најниските слоеви, според едно истражување на министерството за социјален развој. Тоа е зголемување за 30,8 пати од 2006 година. Половина од Чилеанците заработуваат помалку од 400.000 пезоси месечно (495 евра месечно). Згора на сè беше поскапувањето на превозот во еден од најскапите градови во Јужна Америка. По поскапувањето на јавниот превоз, тој би изнесувал 32.000 пезоси (40 евра) месечно.
Многу од овие поплаки потекнуваат уште пред Пињера да дојде на функција, центристичко-десничарскиот бизнисмен кој го доби вториот мандат лани во март (првиот мандат траеше од 2010 до 2014 година). Чилеанците излегоа на масовни протести за квалитетот и цената на образованието во 2006, во 2011 и повторно за пензиите во 2016 година.
Пињера досега не успеа значително да ја подобри економијата што е едно од неговите главни ветувања од кампањата. Таа има стапка на годишен раст од само 1,9 отсто во вториот квартал на 2019 година. Поради немањето мнозинство во конгресот, Пињера бавно ги донесуваше новите закони за даноците и за пензиите поради што неговата влада изгледа неефикасна.
Сега ќе сака истовремено да внесе големи промени во сопствениот мандат на претседател и во довербата на јавноста во владата. Заедно со повлекувањето на поскапувањето на превозот, тој предложи да се седне на преговарачката маса за да се дискутира за високите животни трошоци. Ова може да ги смири страстите, особено ако опозициските партии ги здружат напорите за помирување.
Чиле треба да биде домаќин на два големи меѓународни собири, односно самитот на лидерите на 21 држава од АПЕК (Азиско-пацифичка економска соработка) во ноември и годишниот самит на ООН за климатски промени во декември. Во обидот да се биде домаќин на вакви настани, Чиле се претставува како бастион на стабилноста во Јужна Америка. Пињера нема многу време да ги убеди достоинствениците дека сето ова уште важи.
Превод: Билјана Здравковска