Фото: Игор Бансколиев

Со извици „Никогаш северна, само Македонија“, и пеење на „Море сокол пие вода на Вардарот“ и „Едно име имаме“, започна мирниот протест пред Владата со кој се бара ослободување на осудените за упадот во Собранието на 27 април. На протестот се бараше и оставка на Владата.

Организаторите на протестот апелираа учесниците да се придржуваат до протоколите за време на пандемија и се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти базирани на етничка и верска основа.

На протестот се присутни водачи на политички партии, меѓу кои Христијан Мицкоски, Јанко Бачев, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, партиски функционери. „Слобода за македонските патриоти“, „Слобода за Горан Ангелов“, „Слобода за Игор Југ“ се само дел од транспарентите на протестот. Дел од нив ги носат македонското знаме и знамето од Вергина.

Протестот е организиран по повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, од неколку македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, Единствена Македонија, Интегра, и Подем исто така го поддржаа протестот.

Вкупно 211 години затворска казна добија 16 обвинети за „крвавиот четврток“, односно упадот во Собранието. Апелација во февруари годинава казните ги намали и сите осудени добија вкупно 188 години затвор. Сите беа осудени поради тепањето и крвавите инциденти кои се случија. Дел беа гонети дека како службени лица не постапиле и дозволиле да се случи тепањето, додека останатите, дека го спровеле тепањето на пратениците и другите присутни во Собранието.


Мицкоски: Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски, пратениците Ане Лашкоска, Владо Мисајловски, Бојан Стојаноски, дојде на протестите на кои се бара слобода за осудените лица за 27 април. Него го придружуваше и пратеничката Жаклина Пешевска која беше осомничена за упадот во Собрание, а потоа ослободена.

– Не смееме да премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Даваме поддршка и бараме ослободување на уставобранителите, тие не се и не можат да бидат терористи. Тие се чесни граѓани на оваа земја – напиша Мицкоски на Фејсбук.

Протестот од пред Влада продолжува пред Собранието, каде се упатуваат демонстрантите.