Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебреизус рече дека има пад на новозаразени со коронавирус во последните седум недели.
Ова е најдолг период на опаѓање на неделно ниво од почетокот на пандемијата.
Гебреизус во Женева изјави дека нивната цел е да се вакцинира најмалку 70 проценти од светската популација до самитот Г7 што ќе се одржи во Германија во 2022 година.
– Потребни ни се 11 милијарди дози вакцини за да ја постигнеме оваа цел – рече лидерот на СЗО.
Проценувајќи ја моменталната состојба кога станува збор за пандемијата, Гебреизус рече дека бројот на новозаболени е намален во последните седум недели.
– Иако бројот на новозаразени на неделно ниво е најмал од февруари, бројот на смртни случаи не опаѓа толку брзо. Бројот на смртни случаи пријавени минатата недела беше сличен на претходниот. Повеќе од 10.000 луѓе умираат секој ден – рече Гебреизус.
Тој напомена дека падот на бројот на заразени лица е само маска наспроти алармантното зголемување на смртните случаи во многу земји. Според него „ненадејното зголемување во Африка е особено загрижувачко затоа што ова е регион со мал пристап до вакцини“.