Германската канцеларка Ангела Меркел денеска остро ги критикуваше дискусиите што се појавија низ Германија за ублажување на рестриктивните мерки воведени за ограничување на ширењето на пандемијата на коронавирус.
За време на видео конференцијата на раководството на нејзината партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Меркел јасно стави до знаење колку е несреќна што пораките за внимателно ублажување на рестриктивните мерки во некои сојузни покраини довеле до „вжештување во дискусиите“ за тоа кога да се отвори сè.
Меркел изрази загриженост дека постигнатиот напредок во намалувањето на ширењето на инфекцијата може да биде поткопан од фактот дека малкумина ќе се придржуваат кон мерките за социјална оддалеченост.
– Во ова не помагаат дискусиите за олабавување на ограничувањата – рече Меркел, а пренесоа партиски извори.
За време на пандемијата на коронавирус, поддршката на Ангела Меркел силно со зголеми поради нејзиното лидерство во време на криза. И нејзината демохристијанска унија ЦДУ/ЦСУ, која беше на дното на популарноста забележана во последниве години, доби силна поддршка од гласачите и сега е поддржана од 39 отсто од јавноста, што е најдобриот резултат од парламентарните избори во 2017 година.