За многумина во Грција, кои се незадоволни од премиерот и лидер на партијата СИРИЗА, Алексис Ципрас, причината за падот на неговата популарност помеѓу гласачите, не ја гледаат во неговиот неуспех на економски план, ниту во немирите во Атина, блокирањето на странските инвеститори или умилкувањето на САД, откако остро им се спротиставија, пишува „Нешнл хералд“ .
Главната причина беше Преспанскиот договор, со кој „го даде“ името на античката провинција Македонија, договорот во кој тој се согласи името на Поранешна Југословенска Република Македонија да биде преименувано во Северна Македонија, и покрај тоа што две третини од населението во Грција се спротиставуваше на ваквата одлука.
Со оваа постапка, Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев добија номинација за Нобелова награда за мир, но исто така беше доволна причина неговата популарност драстично да опадне во пресрет на изборите на 7 јули.
Таканаречениот Преспански Договор, именуван по пограничното езеро каде што беше потпишан, е исто така и областа во која опозициската Нова демократија има предност од девет отсто во споредба со СИРИЗА.
– По економската криза, сиромаштијата и невработеноста, ова беше капката што ја прели чашата. Луѓето се лути. Не знам како некој може да гласа сѐ уште за СИРИЗА – изјави Христис Бигикудис, жител на Пела.
Друг жител, пак, смета дека владата ја продава нивната историја. Незадоволството беше покажано на изборите за грчките општини и гласањето за Европскиот парламент на 26 мај, а откако Нова демократија победи, Ципрас беше принуден да најави предвремени избори.
За време на кампањата, Ципрас изгуби многу поддржувачи од областа Македонија, а во некои делови разликата помеѓу СИРИЗА и Нова демократија изнесуваше дури и 20 отсто. Ципрас отиде дотаму што дури и се осмели да ги уверува граѓаните дека промената на името на нивниот северен сосед е добро за бизнисот во регионот.
Но, дури и самиот Ципрас претходно призна дека Преспанскиот договор е „штетен“, а неговиот антинационалистички став се покажа и пред масовните демонстрации во Атина и Солун кога изјави дека статуите на Партенон, кои се наоѓаат во музеј во Лондон, припаѓаат на целиот свет, а не на Грција.
Сето ова беше еден вид на морален и физички поттик за Нова демократија. Но, сепак за ситуацијата со Преспанскиот договор, делумно, историска вина има и во нивната партија. Иронично, бившиот премиер Константинос Мицотакис, кој е татко на сегашниот лидер на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, даде дозвола името Македонија да биде дел од акронимот на ФИРОМ по распадот на Југославија. Сепак, ова требаше да биде само привремено решение.
Затоа, дел од ветувањата на Кирјакос Мицотакис е и ревидирањето на донесениот Преспански договор, па дури и сопирање на влезот на Македонија во Европската Унија доколку не се постигнат вистински промени. Дел од тие промени би била и забраната на Македонија да ги нарекува нејзините добра и производи „македонски“.
Затоа, бесот на граѓаните кон Ципрас и СИРИЗА е сѐ поразорен и пожесток, а колку повеќе Ципрас се заложува за почитување на спогодбата, така ситуацијата сѐ повеќе се влошува.