Се разгорува реториката во трговската војна откако Пекинг реагираше на американските обвиненија дека „манипулира со валутата“

Гардијан

Кина ја заостри реториката во трговската војна, обвинувајќи ги САД дека намерно „го уништувале меѓународниот поредок“ со „унилатерализам и протекционизам“. Еден ден откако Вашингтон ја обвини Кина дека манипулира со валутите во трговскиот спор кој екстремно брзо ескалираше, кинеската централна банка соопшти дека „длабоко жали“ за потегот на САД и дека таквото однесување „сериозно ги нарушува меѓународните правила“ и ѝ штети на светската економија. Во статијата полна со жестоки критики објавена во „Народен весник“, кој е официјален весник на Кинеската комунистичка партија, Кина ги обвини САД дека „намерно го уништуваат меѓународниот поредок“ и сопствените граѓани ги држат како заложници.

Без да се споменат Доналд Трамп или обвиненијата на Вашингтон за манипулација со валутите, беше пренесено дека „денес некои во Америка толку многу се опседнати со американските привилегии што се уништуваат меѓународните правила и меѓународниот систем. Американците треба да се разбудат!“. Во статијата уште се наведува дека „големите држави имаат одговорност да овозможат стабилност и сигурност во светот додека создаваат услови и можности за заеднички развој на сите земји. Но некои луѓе во САД го прават токму спротивното“.

Вчера САД ја обвинија Кина дека манипулира со валутите, потег што уште повеќе ги разгорува и онака затегнатите односи. Американскиот секретар за финансии, Стивен Манучин, ја обвини Кина дека манипулира со својата валута „за да добие нелојална конкурентна предност во меѓународната трговија“. САД ќе бараат од ММФ да ја „елиминира нелојалната конкурентска предност од последните чекори на Кина“. Ова е прв ваков потег по 1994 година и се случи токму кога меѓународните берзи стравуваа од ескалација на веќе подгреаниот конфликт меѓу двете трговски суперсили. Индексот „Доу Џонс“ забележа пад од приближно три отсто вчера, а следеа и слични падови во Азија и во Европа. Денес се забележа пад на азиските пазари. До средината на работниот ден, австралискиот индекс падна за два отсто, а индексите „Ханг Сенг“ и Никеи“ за 0,7 отсто.

Потегот да се нарече Кина „валутен манипулатор“ претставува исполнување на ветувањето од изборната кампања на Доналд Трамп дека „Кина има намера и во иднина да ги добива стотиците милијарди долари што ги зема од САД преку нелојални трговски практики и манипулации со валутата. Другата страна требаше да запре со ваквата практика пред многу години“, како што самиот тој наведе во неговата објава на Твитер.

САД реагираа откако Кина дозволи вчера нејзината валута да падне под граничното ниво од седум јуани за еден долар и тоа за првпат по повеќе од една деценија. Во првите денешни тргувања во Азија, јуанот падна на најниско ниво досега од 7,1397 по долар, пред да се поврати поголемиот дел од загубите откако кинеската централна банка соопшти дека продавала хартии од вредност, во јуани, во Хонгконг, во потег што се смета за ограничување на продажба без покритие за валутата.

Кинеската централна банка порача дека девалвацијата на нејзината валута „се должела на влијанието на едностраните и трговско-протекционистичките мерки и очекуваните царини против Кина“. Пекинг потоа изјави дека нема повеќе да купува американски земјоделски производи и „размислува за нови увозни царини за американските земјоделски производи“.

Во друга статија што денеска беше објавена, „Народниот весник“ ги обвини САД дека создаваат нови пречки во трговските преговори, односно дека „давеникот се држи за сламка, но никогаш не треба да ги обвинува другите за сопствената неволја“.
Обвинувањата на Вашингтон за манипулации со валутата ќе ја разгорат едногодишната трговска војна со Кина. Трамп веќе го нападна Пекинг за неисполнување на таканареченото ветување за купување на повеќе земјоделски производи од САД, тврдење кое кинеските власти го негираат.

Остриот пад на јуанот од 1,4 отсто се случи неколку дена откако Трамп ги шокираше финансиските пазари со ветувањето за наметнување на царини од 10 отсто за преостанатиот кинески увоз вреден 300 милијарди долари од 1 септември, ненадејно прекршувајќи го краткорочното примирје во штетната трговска војна што ги наруши светските синџири за снабдување и го забави растот.

Поради овие вести падна вредноста на доларот, а се зголеми цената на златото. Министерството за финансии порача дека соопштението од Народната банка на Кина јасно покажало дека кинеските власти имаат голема контрола врз курсот на јуанот. Вчера Народната банка на Кина порача дека „ќе продолжи да презема неопходни и намерни мерки против позитивните повратни реакции што можат да настанат на девизниот пазар“. Во изјавата на американското министерство за финансии се вели дека „станува збор за отворено признание на Народната банка на Кина дека има солидно искуство во манипулирање со својата валута и дека е подготвена да продолжи за ваквите чекори“.

Поради ова се смета дека Кина го прекршила ветувањето за откажување од конкурентска девалвација како дел од групата на 20 индустријализирани држави. Американското министерство за финансии очекува Кина да ги почитува тие обврски и да не манипулира со девизниот курс за конкурентски цели.

Американските закони наведуваат три критериуми за откривање на манипулации меѓу главните трговски партнери и тоа материјален суфицит на тековната сметка, значителен билатерален трговски суфицит со САД и постојана еднострана интервенција на надворешните девизни пазари. Откако ќе се открие дека некоја држава манипулира, министерството за финансии има обврска да бара посебни преговори, со цел да се направи корекција на девалвираната валута преку казни како што е исфрлање од американските договори за набавки.

Американското министерство за финансии ги обвини Тајван и Јужна Кореја дека манипулирале со валутите во 1988 година, токму кога Конгресот го изгласа законот за преглед на валутите. Кина последен пат беше обвинета дека манипулирала со својата валута во 1994 година за време на администрацијата на Бил Клинтон.

Во мај, министерството за финансии не сакаше да ја обвини Кина за манипулации врз основа на новите, построги критериуми за одредување на државниот суфицит на тековната сметка заедно со постојаната еднострана интервенција и големиот билатерален трговски суфицит во САД.

Сепак во овој извештај, министерството за финансии внимателно ја следело Кина поради „разлики и девалвација на јуанот во однос на доларот“. Исто така, Пекинг денес предупреди дека сите „противмерки“ се „во игра“ ако САД распоредат копнени ракети со среден дострел во регионот. Секретарот за одбрана на САД, Марк Еспер, изјави во саботата дека го поддржува распоредувањето на вакви ракети во блиска иднина во Азија.

Фу Конг, министерот за надворешните работи на Кина, ги предупреди соседните земји како Јапонија, Јужна Кореја и Австралија, да не им дозволат на САД да распоредат сили на нивна територија. Фу порача дека „ако САД распоредат ракети во овој дел од светот, поточно на прагот на Кина, таа ќе биде принудена да преземе против-мерки“.

Подготвила: Билјана Здравковска